Состојбата е стабилна и нема никаков ризик од каква било финансиска нестабилност во државата поради случајот со Алта банка – Битола. Буџетските корисници имаат сметки во трезорот, а единствените трансакции што се прават од Министерството за финансии (МФ) кон сите банки, не само кон Алта банка, се провизиите што се плаќаат кога се исплаќаат пензиите – рече денеска министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска на надзорната расправа пред Комисијата за финансирање и буџет.
Министерството за финансии, напомена, не гледа никаков ризик од пропаѓање какви било средства зашто буџетските корисници во Алта банка немаат ниту средства ниту депозити.
Димитриеска-Кочоска, одговорајќи на прашања од пратениците, уште еднаш укажа дека треба да се разграничат надлежностите на институциите.
Таа е децидна дека МФ немало никакво учество при презамањето, односно купувањето на банката, ниту дало, како што рече, согласност за продажба.
– Немаме никаква надлежност во целата постапка за продажба, а супервизија и надзор врши Народната банка – рече Димитриеска-Кочоска.
Министерката потврди Алта банка влегла во Македонија на 1 септември кога и официјално ја добила можноста за купување хартии од вредност, а она што го кажа претходно премиерот на надзорната расправа, беше, рече, нешто во врска со купување на Алта банка во Србија. (МИА)




