Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски го обвини претседателот на СДСМ, Венко Филипче, дека ја напуштил надзорната расправа за Алта банка, наместо да продолжи да поставува прашања до повиканите сведоци, а потоа на прес-конференција изнесувал тврдења за текот на расправата.

Стојаноски на денешната прес-конференција рече дека надзорната расправа била изгласана на 2 ноември, а одржана на 11 ноември, и покрај барањето на пратениците таа да се организира што е можно побрзо.

Тој посочи дека биле обезбедени сите сведоци што ги побарале пратениците и дека и по завршувањето на прес-конференцијата во Собранието имало уште девет сведоци на кои пратениците можеле да им поставуваат прашања.

– Денеска, кога можеше да се прашува и кога можеа да се добијат одговори, видовме дека некому му се потребни дополнителни прес-конференции, на коишто сепак нема да може тој да поставува прашања на тие за коишто тој смета дека се најодговорни, рече Стојаноски.

Тој тврди дека за време на расправата биле побарани две паузи – прво десет минути, а потоа 45 минути, откако, како што рече, пратениците на СДСМ биле соочени со заклучокот што го донела претходната влада.

– Кога беа соочени со заклучокот којшто нивната влада го донела, во којшто половина пратеничка група учествувала на таа седница и гласала за тоа истото да се случи, побараа 45 минути пауза за Венко Филипче да дојде тука и вели: „Мицкоски не одговори на прашање“, рече Стојаноски.

Според него, премиерот Христијан Мицкоски одговорил на осум прашања, меѓу кои и на две поставени од Филипче.

– Прво, Мицкоски одговори на осум прашања, меѓу коишто две на пратеникот Венко Филипче. Понатаму, никој не спинува, туку кажува факти, рече Стојаноски.

Тој ги повика СДСМ и Филипче да не ја напуштаат расправата и да ги искористат можностите за поставување прашања до сведоците.

– Има уште девет сведоци коишто се во Собранието и на коишто секој еден пратеник којшто се пријавил на соодветна координација може да им постави прашања. Тие луѓе се тука да одговорат на прашањата, рече Стојаноски.

Тој оцени дека Филипче со прес-конференцијата се обидел да го оспори она што било кажано на надзорната расправа, додавајќи дека документите презентирани во Собранието ќе ѝ овозможат на јавноста да ги спореди тврдењата на двајцата политичари.

– Секојпат кога ќе сметаат дека нивниот театар, кој е заснован на лаги, ќе им помине, ќе бидат соочувани со вакви документи, на коишто потоа тие ќе треба, црвенеејќи се, панично барајќи пауза, да дојдат тука и да инсинуираат, а не да ги прашуваат оние коишто тие сами побараа да дојдат во Собранието, рече Стојаноски. (МИА)