Премиерот Христијан Мицкоски во гостување во Дневникот на ТВ Сител говорејќи за случајот со Алта Банка истакна дека на денешната надзорна расправа во Собранието сите лаги на СДСМ кои ги ширеа се распрснаа, бидејќи ниту Црна Гора, ниту австрискиот регулатор не ја блокирал банката поради руски капитал како што тврдеа од опозицијата.
„Црна Гора направила уште полошо. Тие ја прифатиле Алта Пеј, тоа е платежен систем. Уште полошо е. Јас незнам дали Алта Банка изразила желба да влезе на црногорскиот пазар или на друг тип на пазари и не ме интересира. Мене ме интересира што се случува на македонскиот пазар, но бидејќи во изминативе денови прилично навлегов во материјата можам да кажам дека австрискиот регулатор дозволил лицето Давор Мацура да се стекне со нешто помалку од 10% од Адико Банката или таа порано беше Хипо Алпе Адриа банка и подоцна да влезе во деловлни одности со Рајфајзен Банка. Сите ние ќе се сложиме дека Рајфајзен Банка е една од најмоќните банки во регионот. Така што обидот да се политизира и да се создаде политичка тема на која што тие мислат дека ќе профитираат денеска се распрсна како меур од сапуница.“, нагласи Мицкоски и додаде:
„Затоа јас најљубезно ги замолив. Најљубезно ве замолувам, доколку не знаете или не сакате да помогнете барем оставете не да најдеме начин да го решиме проблемот. Од денешна перспектива јас сум убеден дека ќе најдеме начин да го решиме проблемот да можеме да спасиме тоа што може да се спаси, односно да видиме од вработените, луѓето коишто се доверители и банката да може да си продолжи да си работи.“
Во врска со тоа во кое својство се меша во изнаоѓањето на купувач за Алта Банка Мицкоски рече дека како премиер кој ја добил довербата од 600 илјади граѓани ќе стори се за да го реши овој или кој било друг проблем којшто ќе го забележи или антиципира.
„Јас навистина не можам да ги сфатам овие плитки тези. Кој е премиерот? Претседател на влада којшто добил легитимитет од 600 илјади граѓани и се ќе сторам што можам, проблем кој што се создава да го решам. Дали јас имам формално право да бидам овластен од некој орган да продавам или да купувам банки, немам, но како претседател на Владата кога гледам дека има проблем или потенцијален проблем ако антиципирам се ќе сторам за да тој проблем го решам.“, потенцираше Мицкоски.




