Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, денеска изјави дека СДСМ одбива да свика продолжение на надзорната расправа за Алта банка, по вчерашните случувања на седницата.

Стојаноски информираше дека пратеничката група на мнозинството бара расправата итно да продолжи утре, за да се овозможи дополнително испрашување на сведоците и усвојување на заклучоци.

Тој најави дека една третина од членовите на Комисијата за финансирање и буџет во текот на денот писмено ќе се обратат до претседателката Сања Лукаревска, со барање за неодложно продолжување на надзорната расправа.

Според Стојаноски, одбивањето да се продолжи постапката претставува бегање од вистината.

Втората забелешка на Стојаноски се однесува на, како што рече, обидите на опозицијата, особено на СДСМ, да го спречи поставувањето на опозициските пратенички прашања.

Тој посочи дека опозицијата сама побарала пауза, иако функционерите за кои имало пријавени прашања биле присутни во Собранието.

– Ако нешто започнеме, треба да го завршиме и ние ќе направиме сè како мнозинство. Прво, надзорната расправа да заврши и да се усвојат заклучоци, бидејќи тоа им го должиме на граѓаните. А второ, кога ќе се свика седница за опозициски прашања, треба да се дозволи нејзино одржување – порача Стојаноски.