Со жалење ја проследивме одлуката на Владата да наметне мешан модел, малку на албански, а малку на македонски јазик, за полагање на правосудниот испит. Јасно порачуваме: Законот за употреба на јазиците е јасен и не остава простор за вакви толкувања. Не само правосудниот испит, туку и секој друг државен испит треба да се полага на албански јазик, исто како што е гарантирано и за испитот за административни службеници, се вели во соопштението на ДУИ од денешната прес-конференција на Арбер Адеми, што МИА го пренесува интегрално.

Потсетуваме дека Законот за употреба на јазиците е lex specialis и ниту еден друг предлог или законско решение не може да се применува доколку е во спротивност со неговите одредби. Моделот што го промовира Владата, малку на албански, а малку на македонски јазик, е уште еден доказ за пристапот со кој се деградира албанскиот јазик и се третира како и другите неслужбени јазици. Ние не сме против употребата на другите јазици, но инсистираме на почитување на еднаквоста на двата службени јазика, Aлбанскиот и Mакедонскиот. Потоа, нека се унапредуваат и другите јазици, без да се нарушува оваа еднаквост.

Упатувањето на овој модел до Венецијанската комисија е уште еден обид да се одолговлекува и релативизира едно загарантирано право. Законот за употреба на јазиците веќе бил предмет на разгледување од страна на Венецијанската комисија, која никогаш не утврдила дека службената употреба на Aлбанскиот јазик е противуставна, ниту пак дала забелешки на одредбите што ја гарантираат употребата на Aлбанскиот јазик при полагањето на овие испити. Оваа практика на создавање пречки за правата на Албанците нè враќа кон надминатите југословенски методи, кои се во спротивност со духот на Охридскиот мировен договор и уставниот поредок.

Исто така, за жалење е да се слушаат претставници на ВЛЕН како тврдат дека јазикот на правосудството и судовите е само македонскиот јазик. Ги повикуваме внимателно да го прочитаат законот што го донесе ДУИ, бидејќи членот 9 јасно ја утврдува употребата на албанскиот јазик покрај македонскиот и во оваа област. Доколку немате капацитет да ги унапредувате правата на Албанците, тогаш барем не бидете дел од обидите за нивно деградирање.

ДУИ нема да дозволи повреда на јазичните права и ќе остане доследна во нивната одбрана, заедно со сите граѓани кои веруваат во еднаквоста и достоинството на Албанците.

ДУИ

Фото: архива