Во компанија за трговија со месо во атинската населба Перистери, при проверка спроведени од периферијата Атика, биле откриени и запленети 616,4 килограми небезбедни месо и месни производи, меѓу кои и 84 килограми замрзнато свинско месо, на кое рокот на употреба му истекол на 30 мај 2025 година, јави дописничката на МИА од Атина.
Како што соопштија од периферијата Атика, пред неколку месеци на истата компанија ѝ била изречена парична казна поради прекршувања, а при повторната посета на инспекторите од Дирекцијата за земјоделска економија и ветеринарство, повторно биле констатирани неправилности.
Производите биле откриени како во просторот за продажба, така и во просториите за ладење и замрзнување на објектот.

Инспекцискиот тим запленил и свежи и замрзнати производи со истечен рок на употреба, како и производи без пропишаната идентификациска ознака.
При претходната контрола во истата компанија на крајот на април годинава, инспекторите од периферијата Атика заплениле 138,5 килограми замрзнато месо и месни производи без пропишаната ознака.

Префектот на Атика Никос Хардаљас посочи дека потрошувачите „плаќаат за квалитет и има право на безбедност“, а секоја компанија има обврска да ги почитува правилата, додека пак периферијата има одговорност да контролира дали овие правила се почитуваат.
– Во Перистери, нашите инспектори повторно посетија бизнис на кој пред неколку месеци, по извршена контрола, му беше изречена парична казна. Овој пат, меѓу другото, открија 84 килограми свинско месо на кое рокот на употреба му бил истечен пред 17 месеци. Оној кој мисли дека со една инспекциска контрола завршил, се лаже. Нашите инспектори се враќаат, порача Хардаљас.
Фото: Периферија Атика




