Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков денеска изјави дека Европа и Европската комисија ги попречуваат преговорите за постигнување мир меѓу Русија и Украина.
„Ние, секако, разбираме дека Европа сега го презеде главниот товар за поддршката на Украина и, соодветно на тоа, претендира на одредена политичка улога. Но, таа улога во моментов изгледа чисто деструктивна, негативна во однос на перспективите“, изјави Рјабков пренесен од руските медиуми
Тој оцени дека европските престолнини се решени да продолжат да обезбедуваат воена помош за Украина.
„Европските престолнини, барем многу од нив, се целосно решени да продолжат со неограниченото пумпање на секаков вид помош за Киев. Ова создава одредени илузии таму, во Киев. Со други зборови, овие престолнини и политичарите кои го поставуваат тонот таму, како и Европската комисија, најмногу ги попречуваат преговорите и работат на нивно спречување“, рече Рјабков.
Зборувајќи за трилатералниот состанок на претставници на Русија, Украина и САД во Абу Даби на 10 и 11 ноември, Рјабков рече дека Русија презентирала многу конкретни идеи за решение на конфликтот, надевајќи се дека тоа ќе им помогне на САД повеќе да ги земат предвид своите пристапи за следната рунда преговори.
„Важно е американските претставници кои помогнаа во спроведувањето на оваа рунда да покажат, би рекол, значително разбирање на објективната реалност и да се обидат да го олеснат развојот на токму таков вид решение што би исклучило понатамошни колапси, понатамошни отстапувања од договорот и понатамошни прекини“, истакна Рјабков.
Според него, Русија јасно стави до знаење на преговорите во Абу Даби дека ништо нема да се постигне во мировното решение за Украина без изградба на безбедносна архитектура.




