Лидерите на 11-те земји членки на Асоцијацијата на нациите од Југоисточна Азија (АСЕАН) денеска се собраа на Филипините на самит на кој, покрај територијалните спорови во Јужното Кинеско Море, се очекува да се разговара и за војните во Украина и на Блискиот Исток.
Домаќинот на самитот, филипинскиот претседател Фердинанд Маркос Јуниор, на отворањето истакна дека земјите-членки имаат различна големина, историја, култура и политички околности, но дека се обединети во напорите за заедничко справување со предизвиците.
Тој оцени дека геополитичките тензии, економската неизвесност, новите технологии, климатските промени и транснационалните закани го менуваат регионот со темпо на кое ниту една земја не може самостојно да одговори.
На дневен ред подоцна денеска е и предлогот за обновување на соработката со Мјанмар. Военото раководство на земјата е исклучено од состаноците на АСЕАН на високо ниво од октомври 2021 година, по воениот удар со кој беше соборена избраната влада, вклучително и тогашната лидерка Аунг Сан Су Чи.
На самитот од утре ќе учествуваат и претставници на партнерските земји, меѓу кои Јапонија, Кина, Јужна Кореја, Индија, Австралија и Русија.
Американскиот претседател Доналд Трамп се очекува во вторник да пристигне во Манила, по завршувањето на самитот, придружуван од државниот секретар Марко Рубио. Според филипинските официјални претставници, Трамп ќе учествува на посебен самит со лидерите на АСЕАН, како и на средба со претставници на Јапонија, Австралија и Индија.
Кина ќе ја претставува премиерот Ли Чијанг, кој утре ќе се сретне со лидерите на АСЕАН, но ќе замине пред пристигнувањето на Трамп. Русија ќе ја претставува министерот за надворешни работи Сергеј Лавров, чие пристигнување е најавено за вторник.
Членки на АСЕАН се Брунеи, Камбоџа, Индонезија, Лаос, Малезија, Мјанмар, Филипините, Сингапур, Тајланд, Виетнам и Источен Тимор.




