Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска продолжи со серијата обвинувања кон опозициските СДСМ и ДУИ во врска со влезот на српската „Алта банка“ и бизнисменот Давор Мацура на македонскиот банкарски пазар. Портпаролот на партијата, Валентин Манасиевски, на денешната прес-конференција го обвини лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче, за лицемерие и молк поради, како што наведе, страв од ДУИ.
Според Манасиевски, јавно достапните информации покажуваат дека компанија на сват на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, поседувала акции во „Стопанска банка АД Битола“, кои подоцна биле продадени на Давор Мацура и „Алта банка“.
„Филипче и СДС да кажат дали Мацура бил криминалец со сомнителен капитал кога со ДУИ овозможиле влез на Алта банка во Македонија. Фирмата на сватот на Ахмети, според јавно достапни информации, поседувала акции во Стопанска банка АД Битола, кои потоа ги продаваат на Давор Мацура и Алта банка“, изјави Манасиевски.
Тој ги критикуваше актуелните ставови на Филипче, посочувајќи дека во 2023 година, кога се одвивал процесот на влез на банката, тогашната власт предводена од СДСМ и ДУИ не реагирала.
„Лицемерието кај Филипче е на високо ниво. Ако денес, за Филипче Мацура е криминалец, а Алта банка е банка со сомнителен капитал, зошто во 2023 година кога ДУИ спроведувале влез во Македонија, СДС шурувале? Зошто тогаш Филипче беше тивок, а денес толку гласен?“, праша портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ.
Манасиевски оцени дека актуелните реакции на опозицискиот лидер се обид за дефокусирање на јавноста и заштита на поранешниот коалициски партнер.
„Одговорот е јасен. Затоа што си ја ишка мувата од капата. Филипче е човек полн со багаж од минатото. Филипче и СДС се ставија во одбрана на ДУИ и Али Ахмети. Жално е да се гледа до кое дно дојде СДС со Филипче“, заклучи Манасиевски.




