Владејачката ВМРО-ДПМНЕ денеска излезе со сериозни обвинувања на сметка на СДСМ и ДУИ, тврдејќи дека во позадина на влезот на српската „Алта банка“ на македонскиот пазар стојат директни бизнис-интереси и финансиски трансакции поврзани со семејниот круг на лидерот на интегративците, Али Ахмети.
Според партиското соопштение, поранешните владини функционери Фатмир Бесими, Бујар Османи и Артан Груби агресивно го туркале влезот на оваа банка во земјава, а како клучен доказ за наводните шеми од ВМРО-ДПМНЕ ја посочуваат хронологијата на зделките околу преземањето на поранешна Стопанска банка Битола (сега „Алта банка Македонија“).
Како што наведуваат од партијата, српскиот бизнисмен Давор Мацура, за кого посочуваат дека моментално се наоѓа во притвор во Србија, контролата врз битолската банка ја презел преку купување акции директно од компанијата „АС Сењак“ од Кичево, во сопственост на Селаудин Арифи, сват на Али Ахмети.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја презентираат следната временска рамка на настаните:
-
24 октомври 2023 година: Поранешниот министер за финансии Фатмир Бесими ја отвора темата за влез на „Алта банка“ на седница на Владата.
-
Октомври 2024 година: Кичевската фирма „АС Сењак“ на Селаудин Арифи купува значаен пакет акции во Стопанска банка Битола.
-
Јуни 2025 година: Поврзана фирма на истиот бизнис-круг зема кредит од пет милиони евра директно од „Алта банка“ во Белград.
-
17 септември 2025 година: Само три месеци по добиениот кредит, „АС Сењак“ официјално му ги продава акциите во битолската банка на Давор Мацура и неговата „Алта банка“, со што му овозможува директно преземање на банката во Македонија.
Од владејачката партија јавно го повикаа лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, да одговори дали на владината седница во октомври 2023 година знаеле за деловните релации со компанијата на сватот на Ахмети и дали имале сознанија за потеклото на капиталот на банката.
„Дали кредитот од 5 милиони евра и купувањето на акциите биле меѓусебно поврзани? Дали преку кредитирањето на фирма од бизнис-кругот на Ахмети, Мацура индиректно го финансирал сопственото влегување на македонскиот пазар? Колку чинеле акциите и колкава финансиска добивка остварил продавачот?“, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Во соопштението се додава дека овој случај е потврда за начинот на владеење на претходната власт, при што од партијата порачуваат дека нема недопирливи и бараат целосно институционално расчистување и санкционирање на евентуалните незаконитости.




