Искра Хаџи Василева и официјално ја презеде функцијата раководителка на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција од досегашниот шеф Ислам Абази со примопредавање на должноста во просториите на ОЈО ГОКК.
По примопредавањето, Хаџи Василева и Абази ќе имаат и средба на државниот јавен обвинител Ненад Савески.

Хаџи Василева беше избрана за раководителка на ОЈО ГОКК на изборите одржани на 28 октомври годинава кога освои 64 гласа од вкупно 171 важечко гласачко ливче. За функцијата конкурираа и јавните обвинители Фатон Азизи, Трајче Пеливанов, Лидија Раичевиќ и Јован Цветановски.
По давањето на свечената изјава пред Советот на јавните обвинители, новоизбраната раководителка порача дека нејзини главни приоритети ќе бидат ефикасен кривичен прогон, целисходна работа на Обвинителството и максимално искористување на расположливите ресурси во борбата против организираниот криминал и корупцијата.
Таа најави заложби за поефикасно користење на постојните капацитети и обезбедување дополнителни ресурси со цел постигнување подобри резултати во работата на Обвинителството.

Изборот на нов раководител на ОЈО ГОКК беше спроведен поради истекувањето на мандатот на досегашниот раководител Ислам Абази, кој беше избран на функцијата во октомври 2022 година.
Хаџи Василева е втор шеф на ОЈО ГОКК што се избира на непосредни избори со тајно гласање од сите јавни обвинители во земјата. (МИА)




