Членовите на Советот на Општина Крива Паланка од ВМРО-ДПМНЕ бараат да се свика вонредна седница на која ќе презентираат акциски план за решавање на акутниот проблем со кравите кои неконтролирано се движат низ градот.
Претседателот на Општинскиот комитет на ВМРО-ДПМНЕ во Крива Паланка и пратеник, Емил Спасовски, го обвини градоначалникот Сашко Митовски дека наместо да преземе конкретни мерки, одржува прес-конференции, а одговорноста ја префрла на други институции.
Спасовски вели дека, согласно законските надлежности, Општината и градоначалникот имаат обврска да го отстранат крупниот добиток од јавните површини, да го сместат на соодветно место и да ја повикаат Агенцијата за храна и ветеринарство за понатамошно постапување.
Спасовски вели дека на состанок во Агенцијата за храна и ветеринарство, одржан минатата недела, на градоначалникот Митовски му било укажано дека дел од обврските се во надлежност на Општината. Според Спасовски, проблемот трае повеќе од 10 години, а СДСМ има власт во Крива Паланка од 2017 година, односно, Митовски е градоначалник во втор мандат.
На вонредната седница членовите на Советот од ВМРО-ДПМНЕ ќе достават акциски план со конкретни активности што се во надлежност на локалната самоуправа. Спасовски го повика претседателот на Советот, Миле Трајковски, веднаш да ја закаже седницата и да се усвојат мерките за решавање на проблемот.
Тој додаде дека досега се собрани околу 100 грла добиток. Оцени дека со предложената иницијатива процесот може дополнително да се забрза.
Општинскиот кризен штаб на почетокот од месецо ѝ препорача на Владата да прогласи 30-дневна кризна состојба на територијата на Општина Крива Паланка, со обезбедување дополнителни ресурси и активирање на законски предвидените механизми за целосно и трајно да се реши долгогодишниот проблем со неконтролираното движење на крупниот добиток.
Според информациите изнесени на тој состанок, во Крива Паланка слободно се шетаат над 1.000 крави.




