Европски претставници се сомневаат дека рускиот претседател Владимир Путин навистина сака да ја заврши војната во Украина и стравуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп, доколку мировните преговори не успеат, би можел да постигне договор со Москва без учество на Европа и Украина, објави бриселски „Политико“.

Сомнежите се зголемија по минатонеделниот состанок на претставници на САД, Украина и Русија во Абу Даби, на кој не беше постигнат значаен напредок, освен ветувањето за размена на затвореници. Датумот за следната рунда преговори сè уште не е одреден.

Европските претставници оценуваат дека Москва не покажала подготвеност да прави отстапки и дека Путин верува дека може да постигне повеќе со продолжување на војната отколку со прекин на огнот.

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека Русија ги засилува нападите врз цивилите и енергетската инфраструктура со цел да ја принуди Украина да се предаде.

Иако не учествуваа директно во разговорите во Абу Даби, претставниците на европските земји бараат да се приклучат на следната рунда преговори.

Лидерите на ЕУ се согласија дека Европа ќе биде претставена од Обединетото Кралство, Германија, Франција, Италија и Полска, заедно со претставници на институциите на Европската Унија.

Особено загрижувачка е можноста преговорите да вклучуваат и промени во европската безбедносна архитектура, вклучително и руските барања во врска со проширувањето на НАТО.

Норвешкиот министер за надворешни работи Еспен Барт Ајде изјави дека распоредувањето на силите на НАТО на територијата на членките на алијансата не е прашање што треба да се дискутира со Москва.

Според европските дипломати, Европа и Украина продолжуваат да учествуваат во преговорите и за да му покажат на Вашингтон дека се подготвени за договор, но и за да, во случај на неуспех, одговорноста за неуспехот на процесот се припише на Русија, а не на нив, наведува медиумот.