Руски воени авиони предизвикаа тревога во Јужна Кореја, Јапонија и Тајван непосредно пред почетокот на големиот економски самит во Кина.
Официјалната јужнокорејска новинска агенција Јонхап јави дека неколку руски воени авиони утрово „кусо“ влегле во Зоната за идентификација на воздушната одбрана (ADIZ) на Јужна Кореја. Во извештајот се додава дека, како што е вообичаено при вакви маневри, јужнокорејската војска подигнала борбени авиони.
Јапонското Министерство за одбрана исто така регистрираше нарушување на воздушниот простор од страна на два авиона за кои се претпоставува дека се руски, во раните утрински часови. Новинската агенција Кјодо (Kyodo) јави дека леталата навлегле во воздушниот простор северозападно од префектурата Фукуока. Токио потоа упати дипломатски протест до Москва и подигна сопствени борбени авиони како одговор.
Министерството за одбрана соопшти дека руските авиони потоа продолжиле кон јапонскиот остров Јонагуни и Тајван.
Во меѓувреме, Министерството за одбрана на Тајван соопшти дека два руски воени авиона влегле во неговата Зона за идентификација на воздушната одбрана. Леталата пристигнале од североисток рано утрово и ја напуштиле зоната на југот од земјата, соопшти Министерството на Х.
Не е јасно кои руски авиони влегле во зоните на трите земји и зошто го сториле тоа, пренесува ДПА.
Инцидентите се случија еден ден пред почетокот на економскиот самит на АПЕК во Шенжен, јужна Кина. На маргините на состанокот разговори треба да одржат рускиот претседател Владимир Путин, американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг. На самитот се очекува да присуствуваат и претставници од Јужна Кореја, Јапонија и Тајван.
Фото: Архива




