Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го предупредил американскиот претседател Доналд Трамп дека САД и Кина би можеле да влезат во судир, па дури и конфликт, доколку прашањето за Тајван не се решава правилно. Предупредувањето, кое се смета за невообичаено остро, беше во контраст со пофалбите што Трамп ги упати за кинескиот лидер за време на самитот во Пекинг, пренесува американската тв мрежа Си-би-ес њуз.

Размената на ставови на средбата, која се одржа зад затворени врати, ги покажала разликите меѓу двете земји за чувствителни прашања, меѓу кои се Тајван, војната во Иран, трговските спорови и односите на Вашингтон со Тајпеј.

Според објава на портпаролката на кинеското Министерство за надворешни работи, Мао Нинг, на социјалната мрежа Икс, Шји му рекол на Трамп дека „прашањето за Тајван е најважното прашање во односите меѓу Кина и САД“.

– Доколку се решава правилно, билатералните односи ќе уживаат севкупна стабилност. Во спротивно, двете земји ќе се соочат со судири, па дури и конфликти, со што целиот однос ќе биде доведен во сериозна опасност, напишала Мао.

Пред почетокот на средбата, Трамп јавно го пофали кинескиот претседател, нарекувајќи го голем лидер и истакнувајќи дека му претставува чест да му биде пријател.

– Вие сте голем лидер. Понекогаш луѓето не сакаат кога го велам тоа, но сепак го кажувам, бидејќи е вистина. Чест ми е што сум ваш пријател, му порача Трамп на Шји, изразувајќи уверување дека односите меѓу двете земји ќе бидат подобри од кога било.

Кинескиот претседател, во своето воведно обраќање, изрази надеж дека двете сили ќе успеат да избегнат конфликт, прашувајќи дали можат да ја надминат таканаречената „Тукидидова стапица“ и да воспостават нов модел на односи меѓу големите сили.

Кинескиот претседател Шји Џјинпинг го предупредил американскиот претседател Доналд Трамп дека САД и Кина би можеле да влезат во судир, па дури и конфликт, доколку прашањето за Тајван не се ре

Станува збор за концепт во меѓународните односи според кој, кога растечка сила се заканува да ја замени постојната доминантна сила, постои голем ризик од војна.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, подоцна изјави дека американската политика кон Тајван останува непроменета, предупредувајќи дека би било „страшна грешка“ доколку Кина се обиде да го преземе островот со сила.

– Тие секогаш го покренуваат тоа прашање од нивна страна. Ние секогаш јасно го изнесуваме нашиот став, а потоа преминуваме на другите теми, изјави Рубио за Ен-Би-Си њуз.

По разговорите, Шји го одведе Трамп во обиколка на Храмот на небото, а потоа приреди државна вечера во чест на американскиот претседател.

Во здравицата, кинескиот лидер истакна дека двајцата претседатели успеале да ги одржат односите меѓу двете земји генерално стабилни и покрај турбулентната меѓународна ситуација.

– Остварувањето на големото подмладување на кинеската нација и правењето на Америка повторно голема можат да одат рака под рака. Можеме да си помагаме за успех и да ја унапредуваме благосостојбата на целиот свет, рече Шји, алудирајќи на политичкото движење на Трамп.

Трамп ја оцени посетата како голема чест и денот како фантастичен, наведувајќи дека разговарале за прашања од интерес за двете земји. Тој најави и дека Шји ќе ја посети Белата куќа на 24 септември.

Белата куќа соопшти дека двајцата лидери разговарале за можностите за унапредување на економската соработка, вклучително и подобар пристап на американските компании до кинескиот пазар и зголемување на кинеските инвестиции во американските индустрии.

Во соопштението не се споменува директно Тајван, но се наведува дека двајцата претседатели се согласиле Ормуската Теснина да остане отворена за поморски сообраќај.

Теснината е од особено значење за глобалното снабдување со енергенси, а нејзиното затворање доведе до блокирање на танкери и раст на цените на енергијата, со ризик од забавување на светскиот економски раст.

Војната во Иран е едно од главните прашања на домашната агенда на Трамп, особено во пресрет на ноемвриските избори за Конгресот во САД, на кои републиканците ќе се обидат да го задржат мнозинството.

Кина е најголемиот купувач на иранска нафта, а американскиот државен секретар Рубио најави дека Трамп ќе побара од Пекинг да го искористи своето влијание врз Техеран за надминување на кризата.

Рубио посочи дека американската администрација ќе укаже оти кризата предизвикува сериозни економски последици и го намалува купувањето кинески производи од страна на потрошувачите.

Засега не е јасно дали Трамп успеал да го убеди Шји да изврши притисок врз Иран. Белата куќа соопшти дека кинескиот претседател се противи на воведување такси за бродовите што минуваат низ Ормуската Теснина, како што предложи Иран, и дека покажал интерес Кина во иднина да купува повеќе американска нафта за да ја намали зависноста од енергенсите од Персискиот Залив.