Околу 20.000 текстилни работници денеска го блокираа автопатот Дака – Арича во близина на главниот град на Бангладеш, барајќи зголемување на основната плата. Демонстрантите, главно жени се судрија со полицијата, која употреби солзавец, шок бомби и пендреци.

Засега не е познато колку луѓе се повредени.

Шефот на локалната полиција Саифул Алам изјави дека полицијата презела акција да го растури протестот откако демонстрантите го блокираа автопатот и фрлаа со камења.

Весникот „Дејли стар“ на англиски јазик јави дека насилството се проширило и на соседната област Ашуилу, поради што се затворени околу 25 фабрики.

Насилство е пријавено и во округот Газипур, предградие на Дака, водечка индустриска зона. Демонстрантите го блокираа и автопатот Дака – Мименсинг и запалија полициско возило, а поливцијатра возврати со солзавец и шок бомби.

Протестите и прекините во производството се интензивираа претходно овој месец, што доведе до затворање на стотици фабрики, додека уличните судири станаа секојдневие во последните недели.

Текстилната индустрија во Бангладеш остварува приход од приближно 40 милијарди долари годишно преку извоз од своите околу 2.500 фабрики за облека. Работниците бараат минимална месечна плата од 30.000 таки (236 долари), што е зголемување во однос на сегашните 12.500 таки (98 долари). Тие наведуваат дека растот на трошоците за живот и инфлацијата ја намалиле нивната куповна моќ.

Околу четири милиони работници, претежно жени од руралните делови на Бангладеш, се директно вработено во текстилната индустрија, додека поврзаните сектори обезбедуваат работни места за уште неколку милиони луѓе.

Владата формираше комисија за утврдување на нов пакет плати, но овие напори не успеаја да ги смират демонстрантите. Здруженијата на производители и извозници на облека во земјата, кои ги претставуваат секторите за конфекција и трикотажа, побараа заштита за своите фабрики. МИА