Украинскиот претседател, Володимир Зеленски, изрази надеж дека американскиот претседател Доналд Трамп и кинескиот претседател Шји Џјинпинг ќе извршат притисок врз рускиот претседател Владимир Путин да ја прекине војната во Украина, оценувајќи дека САД и Кина имаат доволно влијание за тоа.
Во интервју за телевизијата „Ен-Би-Си њуз“, одговарајќи на прашањето што би им порачал на Трамп, Шји и Путин, доколку би присуствувал на нивната средба во кинескиот град Шенжен, Зеленски истакна дека окончувањето на војната мора да започне со запирање на борбените дејствија.
„Сè почнува на бојното поле. Целата војна започнува таму и, доколку сакаме да постигнеме напредок кон воспоставување мир, борбените дејствија мора да бидат прекинати“, рече Зеленски.
Тој оцени дека САД и Кина имаат доволно моќ да влијаат врз развојот на настаните и дека воведувањето санкции, како и прекинот на трговијата со Русија, би можеле да придонесат за завршување на војната.




