Украина го распореди својот прв ласерски систем за воздушна одбрана за да го заштити Киев од руски беспилотни летала, но неговата ефикасност се уште не е потврдена бидејќи не е користен против никакви цели, објави „Киев Индепендент“.

На почетокот на ноември, приватната компанија „Кармин Скај“ го распореди својот нов ласерски систем „Блиск“ како дел од воздушната одбрана на Киев. Компанијата тврди дека системот може да го пробие трупот на беспилотното летало „Шахид“ за само неколку секунди.

Ласерското оружје би можело да и понуди на Украина поевтин начин за спротивставување на руските напади со беспилотни летала, бидејќи тие користат електрична енергија за работа, наместо поскапи дронови или ракети-пресретнувачи.

Украинскиот систем „Блиск“ се развива во време на растечки интерес за ласерско оружје како поевтина алтернатива на конвенционалните ракетни системи за воздушна одбрана. Еден од најпознатите примери е израелскиот систем „Ајрон бим“, еден од првите моќни ласерски системи за воздушна одбрана што влегоа во воена употреба.

Системот е развиен од израелската одбранбена компанија „Рафаел“ и е испорачан на израелската армија во декември 2025 година, по неколку години развој и тестирање. Неговата моќност е 100 киловати, а е дизајниран да пресретнува беспилотни летала, ракети и минофрлачки гранати на растојание до десет километри.  (МИА)