Велика Британија спроведува офанзивни кибер-операции против Русија, Кина, Иран и Северна Кореја, потврди британскиот генерал Сер Роб Мегован во интервју за телевизијата „Скај њуз“.
Како што наведува телевизијата, станува збор за прва јавна потврда за таквите активности на британската војска, чии претставници ретко зборуваат јавно за офанзивни кибер-мисии.
На прашањето дали британските кибер-сили сили извршуваат напади, Мегован одговори потврдно, посочувајќи дека посочените четири земји претставуваат закана за британскиот начин на живот и дека спроведуваат операции во кибер-просторот.
Тој предупреди дека кибер-нападите од овие земји „ќе имаат своја цена“.
На прашањето дали тоа значи дека Велика Британија е во информатичка-војна со Русија, Иран и Кина, Мегован кој ја предводи Командата за кибер и специјални операции на британската војска, рече дека активностите засега се одвиваат во таканаречената сива зона.
– Не би рекол дека сме во војна, но не сме ниту во мир. Се наоѓаме во таа хибридна, сива зона – под прагот на конфликтот, како што ја нарекуваме. Но, не смее да има никакво сомневање: постои сериозна закана, чии последици се гледаат секојдневно, изјави генералот.
Британските кибер-сили основани во 2020 година, се фокусирани на извршување офанзивни мисии, а обемот на нивните активности е строго доверлив.
Тие се заеднички проект на Владината служба за комуникации (GCHQ), Министерството за одбрана, разузнавачката служба МИ6 и Лабораторијата за одбранбена наука и технологија.
На чело на таа воена структура се директорката на GCHQ, Ен Кист-Батлер и генералот Мегован.




