Врсничко насилство и дискриминација, нееднаков третман, навредување поради изглед, исклучување од општеството, поделба на ученици според социјален статус, несогласување помеѓу ученици од различни места, платени дипломи, ова се едни од најголемите проблеми со кои се соочуваат младите, беше истакнато на работилницата за средношколци кои учат во Кавадарци и Неготино, а овие два дена се реализира во Велес.
Овие проблеми и уште неколку други, ги детектираа младите во нивното опкружување. На првиот ден од работилницата, вчера, беше истакнато и барањето на младите, за интерактивна настава во образованието.
На средбата се нагласи дека целта е, младите, со поддршка на возрасните, да придонесат за подобро утре, за младите да не се иселуваат од државата и да се гради подобро и попросперитетно, демократско и попрогресивно општество.
Активностите ги спроведува Организацијата на жени ,,Женско лоби” од Демир Капија.
-Продолжуваме со работа со млади, особено во борбата против насилството во училиштата, негово превенирање, препознавање и санкционирање – истакна Менче Николова, програмска раководителка во Организацијата.
Обучувачи на работилницата насловена „Од идеја до акција: Младите ја менуваат заедницата“, се Билјана Бејкова и Огнен Јанески, а проектот е финансиран од Екуменска иницијатива на жени од Хрватска.




