Пратеникот Бране Петрушевски од Собранието порача дека денеска во АРМ нема неисплатени обврски кон војниците.

Петрушевски потсети на колективниот договор потпишан во 2024 година кога министер за одбрана беше Славјанка Петровска, посочувајќи дека со истиот не биле опфатени пензионирани припадници на АРМ.

-Потписникот на тој колективен договор, Славјанка Петровска, која го потпиша токму на денот кога се распишаа изборите во 2024 година со што се стави сомнеж на самите избори и целта на тој колективен договор, во тој момент овие пензионирани припадници на АРМ не биле во работен однос за да може колективниот договор да важи за нив. Колективниот договор уредува права и обврски на вработени луѓе. Не може со колективен договор да се уредуваат права и обврски на луѓе кои не се во работен однос, посочи Петрушевски.

Додаде дека денеска состојбата е поразлична, а во министерството за одбрана нема ниту денар неисплатени обврски ниту во МО ниту во АРМ, сите побарувања се подмирени.

-Веќе има судски пресуди кои велат дека не можат да се исплаќаат права по колективен договор на припадници на АРМ кои веќе се пензионирани во моментот на потпишување на колективниот договор. За среќа имаме министер за одбрана во чиј мандат платите на припадниците на АРМ ќе се зголемат за 10 проценти и имаме историско решение за припадниците на АРМ со наполнети 45 години кои имаат можност да продолжат да функционираат во Армијата, нагласи Петрушевски.