Марина ИЛИЕВСКА, специјален известувач на МИА од Виена

Неколку илјади луѓе се одзваа на протестот на плоштадот Кристијан-Брода во Виена, организиран под мотото „Стоп за повторното вооружување на Европа“, барајќи средствата наменети за воени цели да се пренасочат кон образованието, социјалната заштита и другите потреби на граѓаните.

Протестот се одвива мирно, а по собирот на плоштадот демонстрантите почнаа марш по улиците на Виена. Иконографијата е речиси иста како и на протестот пред Универзитетот во Виена. Демонстрантите носат транспаренти против расизмот, за слобода на Палестина, за запирање на војната со Иран, како и против употребата на нуклеарно оружје.

Демонстрантите побараа Австрија да ја зачува својата уставно загарантирана неутралност и повикаа на меѓународна солидарност за нивните барања.

Денешниот протест е дел од европскиот ден на акција и меѓународниот младински штрајк, кој се одржува во повеќе од 25 европски земји под мотото „За нашата иднина, против нивните војни“.

Претходно денеска, протест се одржа и пред Универзитетот во Виена, каде што младите се спротивставија на војните, милитаризацијата и капитализмот. По завршувањето на собирот, дел од демонстрантите се обидоа да блокираат улици, но полицијата ги спречи. Претходно, полицијата интервенираше и кога дел од учесниците се обидоа да влезат во универзитетската зграда, при што неколку лица беа приведени, а беше употребен и бибер-спреј.

Организаторите и учесниците се против плановите на Европската Унија за повторно воено вооружување во вредност од 800 милијарди евра, предупредувајќи дека зголемувањето на воените буџети ќе значи пренасочување на јавните средства од образованието, заштитата на климата, социјалната сигурност и обезбедувањето достапни станови.

Протестот е организиран од широка коалиција на студентски сојузи, климатски активисти и организации на граѓанското општество, меѓу кои „Стоп за повторното вооружување на Европа – Австрија“, „Атак Австрија“, „Петоци за иднината на Австрија“, Австрискиот студентски сојуз и младинското движење „Генерација Зет“.

Ова е трет младински протест во Виена од мај годинава. На протестот во мај, организиран под слоганот „Спасете ги универзитетите“, учествуваа речиси 40.000 луѓе, а на 22 октомври, според организаторите, на улиците излегоа околу 20.000 демонстранти, барајќи поголемо финансирање на универзитетите и спротивставувајќи се на планираното намалување на средствата за високото образование и истражувањето. ми/са/

Фото: Аслан Вишко – МИА