Европа ја очекува исклучително тешка зима поради високите цени на струјата и горивата и затоа главната цел на Владата е оваа зима да го заштити стандардот на граѓаните и да спречи драстичен раст на цените на енергенсите, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски за време на посетата на Делчево.
Одговарајќи на новинарско прашање што подразбира под најавата за зима со предизвици, Мицкоски рече дека владините политики се насочени кон цените на струјата и на парното за дел од граѓаните во Скопје, за чие производство, како што рече, гасот е основно гориво.
– Главната цел на Владата е оваа зима да го заштити стандардот на граѓаните и да спречи драстичен раст на цените на енергенсите. Во таа насока ќе продолжиме да ги водиме нашите политики. Мислам на цената на електричната енергија и на топлинската енергија што ја добива дел од граѓаните во Скопје, бидејќи за нејзино производство гасот се користи како основно гориво – истакна Мицкоски.
Според премиерот, гасот на берзите е трипати поскап од лани, додека електричната енергија веќе подолго време е четири до пет пати поскапа, во споредба со минатата, но и со претходните години.
– Постојано предупредувам дека светот, а особено Европа, го очекува исклучително тешка зима во поглед на енергијата. Тука пред сè мислам на електричната енергија, а потоа и на дизел-горивото и на безоловниот бензин. Зборувам за високите цени. Ако денеска ги погледнете берзите, ќе видите дека гасот, да речеме, е трипати поскап од лани. Електричната енергија веќе подолго време е четири до пет пати поскапа во споредба со минатата и со претходните години. Резервите на гас во Европа се на најниско ниво во последните 15 години – нагласи Мицкоски.
Ги спореди цените на горивата и на енергенсите во државата со оние во Европа, истакнувајќи дека во државата дизел горивото и бензинот чинат под едно и пол евро за литар. Во Германија, пак, како што рече, чинат над 2,5 евра за литар.
Осврнувајќи се на меѓународната состојба, премиерот рече дека по настанот во Берлин, организиран од германскиот канцелар Фридрих Мерц, неговата процена е дека состојбата останува неизвесна и дека наскоро не очекува поместувања. На настанот, како што рече, присуствувале американските претставници Џаред Кушнер и Стив Виткоф, а накратко се вклучил и американскиот претседател Доналд Трамп, кој информирал за средбите со Владимир Путин и Си Џинпинг.
– Се вратив од Берлин, каде што канцеларот Мерц организираше настан на кој присуствуваа двајцата специјални американски претставници, Џаред Кушнер и Стив Виткоф. На настанот петнаесетина минути се вклучи и претседателот Трамп, кој информираше за средбите со претседателот Путин и со претседателот Си Џинпинг. Според моето искуство и процена, состојбата е навистина неизвесна и не очекувам наскоро да има поместувања. Се разбира, ние сме мал дел од сето тоа, но добро е што сме на таа маса, за да бидеме со големите и да слушнеме што се случува во светот и во која насока се движат работите – рече Мицкоски.
Фото: ФБ профил на премиерот Христијан Мицкоски




