Новиот предлог за буџетот на Европската Унија, поднесен од претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, е „добар прв чекор, но вкупниот износ останува висок“, изјави денеска германскиот канцелар Фридрих Мерц.

„Практично сите земји-членки на ЕУ треба да ги средат своите јавни финансии. Зголемувањето од повеќе од 40 отсто на европскиот буџет се чини некомпатибилно со сегашниот контекст“, додаде Мерц, чија земја ја предводи групата „штедливи земји“ во ЕУ.

Претходно, Кошта предложи намалување од речиси 200 милијарди евра споредено со првичниот предлог на Европската комисија, каде вкупниот буџет изнесуваше 1,76 билиони евра.

„Нерамнотежата во буџетот на ЕУ ќе се зголеми дополнително“, предупреди Мерц, додавајќи дека „рамномерна и фер распределба на товарот може да се постигне само преку прилагодувања на приходите“.

Од друга страна, Мерц не го коментираше предлогот на Кошта за воведување нов данок на технолошките гиганти.

Наместо тоа, германскиот канцелар го повтори својот повик за „гарантирање на непоколеблива и трајна поддршка за Украина“ во идниот буџет на ЕУ „со учество на сите 27 земји членки“.