Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска Трајкоска, денес изврши увид во текот на градежните работи за темелна реконструкција на улицата „Фредерик Шопен“ во населбата Бирарија.

Станува збор за важен инфраструктурен зафат кој излегува во пресрет на долгогодишните барања на жителите и ќе придонесе за поголема сообраќајна сигурност во овој дел од општината.

Со реконструкцијата е предвидена комплетна обнова на коловозот во должина од околу 350 метри.
Зафатот се спроведува во непосредна соработка со Министерството за транспорт и врски, а средствата се обезбедени преку капиталните проекти на Владата на Република Македонија, реализирани со унгарскиот кредит.

– Увидот на терен на улицата „Фредерик Шопен“ уште еднаш потврдува дека со континуирана работа градиме модерна, безбедна и функционална општина.

Со ваквите зафати одговараме на конкретни потреби на граѓаните и покажуваме колку значајна е координацијата меѓу локалната и централната власт. Заедничките капитални вложувања остануваат наш приоритет за поубава и поквалитетна средина за живеење за сите жители на Кисела Вода – изјави градоначалничката Бети Стаменкоска Трајкоска.