Австриското Министерство за надворешни работи соопшти дека нивната веб-страница била хакирана минатата недела и дека биле украдени контакт-податоци на вработените.
„Помеѓу 12 и 13 ноември, веб-страницата на Министерството за надворешни работи, која ја управува надворешен давател на услуги, беше предмет на неовластен пристап“, се вели во соопштението на министерството, додавајќи дека тоа се случило за време на глобалниот прекин на Mајкрософт.
Кибер-нападот е откриен на 13 ноември и веднаш бил неутрализиран, додаде министерството.
„Истрагата од група експерти откри дека за време на неовластениот пристап, украдени се податоци поврзани со имињата и работните контакти на вработените во седиштето на министерството, како и во дипломатските мисии во странство“, се вели во соопштението.
Министерството не даде информации за тоа кој би можел да стои зад нападот.
Австрија во јули соопшти дека Русија е одговорна за кибер нападот врз австриското МНР кон крајот на 2019 година и почетокот на 2020 година.




