Во јули 1948 година, кога беше Информбирото, т.е. кога Југославија излезе од Варшавскиот пакт, се расипаа односите и тогаш Енвер Хоџа ги забрани училиштата на тој дел, и само остави училишта на македонски во Мала Преспа, и тоа само основно образование. Понатаму учеа само на албански. Македонскиот јазик во училиштето го забранија, вели Левко Радески од с. Долно Крчишта, североисточна Албанија, во разговор воден во неговиот дом во Охрид во јуни 2004 г.

Во 1945 година, скоро веднаш по Втората светска војна, федерална Македонија испраќа свои учители за македонските деца по селата во Мала Преспа. Во тоа време, македонските наставници таму биле прифатени како членови на семејството, а домаќините ги хранеле и се грижеле за нив како за свои деца. Никола Беровски од Битола заминал во Пустец, на свои едвај 22 години, како еден од учителите испратени да ја организираат наставата на македонски јазик.

За оваа знаменита, но недоволно проучена личност од нашата национална историја, МИА разговараше со историчарката проф. д-р Катерина Тодороска.

– Никола Беровски, роден на 21 ноември 1923, e македонски просветител и преведувач, кој целиот работен век го минал меѓу Македонците во Албанија. Заедно со Беровски, во деветте села од Преспа учителствувале Пере, Никол, Ѓорѓи, учителот Борис Малески, Кристо Тане, Гуре Дума. После 1948 година, останал да живее во Албанија, каде што преведувал учебници од албански на македонски јазик. Негово најзначајно дело е македонско-албанскиот и албанско-македонски речник. Oвој труд на Никола Беровски ќе трае вечно и ќе се користи – неговиот македонско-албански речник со над 10.000 зборови, за сите граѓани во Република Албанија. Има големи заслуги како автор на бројни учебници на македонски јазик за Македонците во Албанија. Уште за време на животот станал легендарен заштитник на македонскиот национален идентитет. Една од организациите на Македонците во Албанија го носи името Фондација „Никола Беровски“ – истакна Тодороска.

Таа пренесува и едно сведоштво на Тодорка Аго од Пустец, т.е. разговор воден во нејзиното село во август 2004 година.

„Порано немавме учители… Даскали што ги викаме. Јас, кога дојдоа учителите, бев 12-годишна. Бев неписмена, нешколувана. И почнав од прво одделение. Прво и второ го завршив со Никола Беровски, а трето и четврто – со Ѓорѓи Малевски, од кого добив пофален лист. Бев мирна ученичка, и си учев. Бевме многу радосни оти учевме како што зборувавме дома. По некое време во село Церје дојде еден Наумче, не му го знам презимето како му беше, а во Шулин беше прво Сандре, по него дојде Перо (Попоски, з.н.). Во Горица беше Никола Беровски, а потоа се сменија Коле дојде во Пустец, Ѓорѓи остана во Горица. Никола подоцна си отиде во Тирана“ – раскажува Тодорка.

Тоде Јовановски, учител во с. Церје, сведочи: „Колку што се сеќавам, … како учители во Албанија бевме испратени Никола Марковски, Петар Поповски, Милица Тодоровска, Никола Беровски, Ѓорѓи Малески, Вирџинија Кичеец-Џина, Кире Стериовски, Томе Тодоровски и јас. Сите бевме од битолско-ресенско-охридскиот регион. Таму останав како учител сѐ до 1 јули 1948 година.“ Официјлно, Јовановски бил префрлен како учител од Церје, Околија Преспанска, НР Албанија, на должност во Ново Село, Струмичко.

Животот на Никола Беровски и другите македонски просветни дејци во Албанија, се чини, не бил само професионална мисија, туку и личен живот и длабока поврзаност со тамошниот народ и македонската заедница кои им биле како семејство. Беровски бил скромен, просечен, дисциплиниран и трудољубив човек – вистински пример за колегите, заедницата и помладите генерации. Но, приказната добива особено занимлив пресврт во 1948 година, по судирот меѓу југословенскиот претседател Јосип Броз-Тито и СССР на Јосиф Висарионович-Сталин и раскинувањето на односите меѓу Југославија и Албанија. Тогаш, македонските учители биле отпуштени и принудени од околностите да се вратат назад во Народна Република Македонија. Но, Беровски останал…

Историјата говори оти малкумина од испратените македонски учители останале во Албанија и продолжиле да работат меѓу тамошните Македонци.  Беровски живеел таму сè до својата смрт во Тирана во 1990-тите. Неговата биографија говори дека се оженил со Албанка и во Албанија го основал своето семејство.

„Во 1948 година, кога се растурија добрите односи меѓу Албанија и Југославија, се доби голем пресврт во работите. Се избркаа сите македонски учители, освен учителот Никола Беровски, кој бил оженет за девојка Албанка. Се исфрлиле сите македонски книги, се затворија книжарниците, се пресекоа сите врски меѓу жителите на Мала Преспа и на Република Македонија. Мала Преспа остана без кадар за да ги учи децата на македонски јазик“ – сведочи Гуре Дума, учител, просветен деец и хроничар од Мала Преспа.

Така, Никола Беровски, објаснувајќи го своето останување во Албанија, вели дека „причините не беа политички, иако бев комунист, член на партијата“, како и многумина од тоа време. Нове Цветановски го цитира „Големиот учител од Мала Преспа“, во истоимениот труд.

„Деновите кога се враќаа учителите јас бев заминат во Тирана каде што со мојата сопруга Мери отидов да ги запознам нејзините родители. Тие нѐ задржаа една недела и кога се вративме во Корча, другарите ми беа заминати. Во Пустец се сретнав со пријателите, меѓу нив и со Борис Мале (знаете, тогаш беше Малевски, а потоа Мале). Тој ми рече: Добро бре Коле, другарите ни отидоа, ти ќе си одиш, катанец ќе му ставиме на училиштево? Ако си одиме сите македонскиот јазик овде веќе нема да постои. Старите луѓе каде што седевме ние (една собичка учителска) ни рекоа: Ако си одите вие, ќе си одиме и ние. Тоа беше од моите Македонци…. Остана и Ѓорѓи Малевски од Велгошти – тој беше семеен човек таму. Ние двајца останавме со Борис кој беше најпознат меѓу Македонците таму и знаеше добро и македонски и албански јазик, и тој беше врската меѓу Корча и селата од Преспа“ – раскажува самиот Беровски.

Сепак, не се задржал само на својата учителска работа. Тој, меѓу другото, составувал и преведувал учебници, а подготвил и граматика за македонскиот јазик.

– Она што останува нејасно, кога се составува мозаикот во однос на учебниците користени при образованието на македонските деца е дали во таа Комисија учествувал и битолчанецот Беровски според кого во 1952 година го викнале во Тирана да го состави првиот буквар – изјави проф. Тодороска.

„Како млад немав никакви познавања за учебникарски работи. Имав македонски буквар што го имав зачувано, скриен, и со помош на друга литература, земи одовде – земи одонде и некако го комплетирав букварот и тој излезе заедно со читанката за прво одделение. Тоа многу им помогна на учителите. Вториот буквар што беше подобар почнав да го пишувам во 1955 година, а наредната година излегоа учебниците: Читанка посебно за секое одделение, сметанки, истории, природознание… Е сега, некој ќе праша: Зошто избега овој во Тирана, а ја остави Преспа? Ако бев јас во Преспа ќе немавме ништо – ни книги, ни прирачници, во Корча немаше никакви услови за да се прават учебници. Во Тирана имаше, а се сретнав и со многу луѓе: Со Стерјо Спасе, со многу лингвисти, познати учители и можев да работам, добив и машина…“ – вели Беровски.

Македонскиот учител пишувал и поезија, иако не ги објавил своите стихозбирки. Засега се познати две негови неиздадени песни.

Во 1960 година во село Долна Горица било отворено друго седмолетно училиште. Изградбата на училиштето се направи од самите селани, без каква било помош од државата. Но, потребата на Македонците во Албанија да се учи на мајчин македонски јазик  требало да се поткрепи со учебници и книги на македонски јазик. Но албанската држава испечатила на македонски јазик само буквар и граматика, и тоа како преводи од албански. Затоа, при посетата на македонските делегации на Р. Албанија, особено на Пустец молбите биле: Испратете ни книги и весници од Скопје, да имаме барем нешто за читање и за нас, а и за децата во училиште.

Таквата состојба продолжила сѐ до 1965 година, кога, „Нашиот писател Стерјо Спасе и учителот Никола Беровски ги преведоа на македонски јазик сите албански учебници што беа потребни за вршење на наставата во основните училишта“ – се потсеќа Гуре Дума.

„Благодарение на учителите Борис Малевски, Никола Беровски и Ѓорѓи Малевски, кои со добра волја почнале да вршат превод на албанските текстови, се приготвувал материјал на македонски јазик за учење низ цела седмица и го праќале по училиштата низ цела Мала Преспа“ – додава Дума.

Своевиден врв на оваа плодна просветно-образовна дејност е неговиот „Македонско-албански речник“ којшто содржи повеќе од 10.000 зборови. Работел и со познатиот македонско-албански писател Стерјо Спасе, кој бил и редактор на учебниците што ги подготвувал Беровски. Можеби една од најинтересните епизоди од творештвото на Беровски е неговиот превод на романот на Спасе – „Тие не беа сами“ (Ata nuk ishin vetëm), првично напишан на албански и издаден 1952., па објавен на македонски јазик во 1989 година.

Во 1991, Никола Беровски ја добил наградата „Климент Охридски“ за неговиот придонес во образованието и зачувувањето на македонскиот јазик и култура во Албанија. Во подоцнежните години од животот работел и живеел во Тирана, каде што и починал во 1993 година. Во 2013., по повод 90-годишнината од неговото раѓање, испечатени биле 500 примероци од неговиот „Македонско-албански речник“, со што му била оддадена почест за неговиот долгогодишен труд за исклучителното значење за образовно-воспитната дејност воопшто.

Слободан ИВАНОВ за МИА

Фото: Од архивите