Премиерот и претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во денешното обраќање на годишната конференција на Унијата на млади сили на владејачката партија, се осврна на случаите на семејно насилство во земјава, како и на протестот на младите организиран против насилството врз жените.

Мицкоски посочи дека протестот го следел и ја разбира и прифаќа бунтовноста на младите, нивните пораки и ставови.

-Морам да кажам дека навистина сум шокиран од низата случаи на насилство врз жените кои секако мора да бидат проследени со институционален одговор. И тоа не само од МВР, туку и од оние превентивни механизми кои не смеат да дозволат да стигнат работите до тој степен, но и со соодветен одговор и од обвинителските и судските инстанци, нагласи Мицкоски.

На младите им порача дека во него може да гледаат соговорник и соработник во борбата да за спротивставување на насилството. Нагласи дека во тие случаи треба да има политика или партиска припадност, па колку и да сакаат одредени кругови од опозицијата да најдат свој интерес за политиканство и игра со човечки судбини и на овие теми.

-Но, како општество мораме да погледам и подлабоко на проблемите и да кажеме дека таквите случаи на декаденција се случуваат со децении и се последица на разорениот систем, губењето на моралот, губењето на принципите и семејните вредности, но и поради ниското ниво на општествена па и политичка култура. Што ќе си помисли млад човек кога ќе го види политичкиот спектар исполнет со повици за линчови, со сеење на омраза, лепење етикети, секојдневно блуење невистини, фрлање на кал. Каков пример се дава кога се сака да се вметне недоверба, и кога сето тоа се прави од личности кои се компромитирани, девалвирани со афери, неми послушници на нивните газди кои преку нив самите делуваат не затоа што ја сакаат татковината, туку затоа така се бранат себе си и своите милиони. Ние мораме да започнеме општествена дебата за овие длабоки теми, а младите кои сакаат да се вклучат, добредојдени се и во дебатата за предлог-законски измени за поефикасна заштита од семејно насилство, посочи Мицкоски.

Тој додаде дека вистинските решенија се носат на маса низ дијалог.