Изградбата на автопатските делници од Коридорот 8 во западниот дел на земјата се интензивира во изминатите две и пол години, а целокупниот патен правец треба да биде завршен до 2029 година – најави премиерот Христијан Мицкоски денеска на промоцијата на интегрираниот граничен систем „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан.

Одговарајќи на новинарско прашање за напредокот на изградбата на автопатите и патната инфраструктура во западниот дел од државата, Мицкоски посочи дека делниците Тетово–Гостивар и Гостивар–Букојчани напредуваат согласно предвидената динамика.

Тој информираше дека е започната и изградбата на делницата Букојчани–Кичево, која треба да ги поврзе новите автопатски делници со автопатот Кичево–Охрид, со што ќе се заокружи патното поврзување од Тетово до Охрид.

Во однос на продолжувањето на автопатот кон граничниот премин Ќафасан, Мицкоски посочи дека кај местото Требеништа е оставена клучка за продолжување на трасата, но дека за овој дел ќе треба да се разгледа алтернативно техничко решение.

Причината, како што објасни премиерот, е тоа што станува збор за подрачје кое е предмет на УНЕСКО, а согласно последниот извештај ќе треба да се бара решение што ќе ги земе предвид овие ограничувања.

Мицкоски најави дека автопатот Кичево–Охрид треба да биде пуштен во употреба до крајот на второпт квартал од следната година, додека целокупниот патен правец од Тетово до Охрид треба да биде завршен до 2029 година. (МИА)