Албанскиот премиер Еди Рама, на настанот по повод воспоставувањето на системот „One Stop Shop“ на граничниот премин Ќафасан меѓу Македонија и Албанија, истакна дека новиот начин на функционирање ќе значи поедноставување на граничните процедури и поголема доверба меѓу двете земји.

Рама, обраќајќи се на настанот, направи споредба со досегашниот начин на контрола на границата, посочувајќи дека новиот систем треба да донесе поинаков пристап.

-Ние имаме еден израз на албански јазик, не знам дали вие го имате на македонски: верувај, но и контролирај. Досега на овој граничен премин бевме контролирај, контролирај, но сега ќе бидеме верувај и контролирај – рече Рама.

Тој нагласи дека воспоставувањето на овој систем е уште еден чекор во соработката меѓу двете соседни земји и кон нивното приближување до Европската Унија.

Албанскиот премиер се осврна и на заедничките инфраструктурни проекти, посебно на Коридорот 8, оценувајќи дека тој претставува значаен проект не само на патот кон ЕУ и за НАТО, туку и за поврзувањето и заедничката соработка меѓу двете држави.

Рама упати благодарност до сите институции и вработени кои придонеле за реализацијата на проектот „One Stop Shop“, додавајќи дека истиот модел треба да се примени и на другите гранични премини. (МИА)