Кирил МИНОСКИ
(авторот е екс министер за финасии, а текстот е рпеземен од неговиот ФБ профил и не ги одразува нужно ставовите на Денешен.мк)

Македонија денес се соочува со повеќеслојна и длабока системска криза. И покрај промените на главните политички актери во изминатите три децении независност, правилата на политичко делување и владеење во суштина останаа исти. Се менуваа владите, министрите и директорите, но механизмите на партизација, клиентелизам, корупција и злоупотреба на јавните ресурси, како и промовирање на култура на неказнивост продолжија да функционираат на ист начин.

Создаден е систем на партиократија, кој стана посилен од институциите, па дури и од самата држава, со што основната функција на институциите е дерогирана.

Особено загрижува поврзаноста меѓу политичката моќ, деловните интереси и контролата врз јавните ресурси. Јавните функции се целосно подредени на остварување на приватни привилегии и интереси, додека јавните пари се алатка за одржување на клиентелистичката мрежи на уплашени послушници. Во ваквиот систем зборот одговорност станува мисловна именка. Високата корупција останува неказнета и се охрабрува, спроведувајќи се од горе надолу, преку мрежа на клиенти и послушници. Политичките актери во задкулисни договори взамено се амнестираат за корупцијата и криминалот.

Во вакви услови, без целосно рестартирање на системот ќе се доведува во прашање економската одржливост и опстанокот на државата (кој би инвестирал и живеел во држава без правда и заробена од корупција?). Неопходни се коренити промени, затоа што искуствата покажаа дека обичната промена на власта и декларативни политички пароли и слогани се недоволни

За почетокот рестартирањето на системот треба да ги вклучи следниве елементи:

Прво, неопходна е вистинска проверка на потеклото на имотот на носителите на јавни функции и на лицата кои управувале со јавни средства или имале влијание врз јавните одлуки. За таа цел неопходен е посебен законски механизам за систематска и независна проверка на имотот, приходите и нивната меѓусебна усогласеност, со ретроспективен опфат од 1990 година до денес. Тоа подразбира и проверка на имотот стекнат преку поврзани лица и правни субјекти, како и идентификување на вистинските сопственици на имот и капитал.

Целта не е политичка пресметка, ниту однапред утврдување вина. Целта е да се утврди дали постои разумна и докажлива врска меѓу остварените приходи и стекнатиот имот. Таму каде што постојат индиции за незаконско стекнување, мора да следуваат ефикасни финансиски истраги, привремено обезбедување на имотот кога се исполнети законските услови и судски постапки за конфискација на незаконски стекнатиот имот.
За тоа се потребни и функционални механизми за меѓународна соработка, следење на финансиските текови и размена на информации за имот и капитал во странство.

Второ, независно судство и обвинителство. Независноста на судиите и обвинителите не смее да биде алиби за нестручност или злоупотреба. Потребни се објективни критериуми за избор, унапредување, оценување и утврдување одговорност, со целосно почитување на законот и принципот на независност на судството и обвинителството. Правдата не смее да зависи од политичката припадност, финансиската моќ или општественото влијание на поединецот. Законот мора да важи еднакво за сите.

Трето, мора да се прекине партизацијата на државата. Потребна е професионална, компетентна, ефикасна и јавна администрација. Раководните позиции во институциите треба да се пополнуваат преку отворени и конкурентни постапки, врз основа на знаење, искуство, интегритет и мерливи резултати. Јавната функција не смее да биде награда за партиска лојалност, туку одговорност кон граѓаните. Јавната администрација треба да се ослободи од баластот на непотребните управни и надзорни одбори кои освен што згрижуваат партиски кадар и трошат државни ресурси , речиси во целост не ја остваруваат својата функција од причина што истите само спроведуваат директиви .

Четврто, со јавните ресурси мора да се управуваат одговорно и транспарентно.
Буџетот не смее и не може да биде партиска каса, а јавните претпријатија изборен плен и место за неконтролирано вработување на непотребен кадар. Државниот долг не е бесплатен ресурс за финансирање на политички ветувања, туку обврска за сегашните и идните генерации. Секој денар потрошен од јавните средства мора да има јасна цел, оправданост и мерлив ефект. Јавните добра и ресурсите не може да се даваат по багателни цени во заткулисни договори, со скриени играчи туку е неопходна транспарентна постапка за нивно користење со јасна заштита на јавниот интерес.

Петто, потребен ни е нов општествен договор и активно вклучување на граѓаните. Неопходна е контрола на власта и спречување на самоволие, создавање услови за активно учество во креирањето на политиките на јавноста. Мора да ги вратиме во јавниот живот професионалците, претприемачите, интелектуалците, младите и сите оние кои што изгубиле надеж дека можат нешто да променат.

Се разбира промената не може да ја направат оние кои со години удобно сместени на државни јасли го одржувале стаус кво-то . На Македонија ѝ се потребни нови стандарди на политичко однесување и вистинска општествена мобилизација околу принципите на чесност, компетентност, интегритет и одговорност. Не е доволна само промена на политичките актери , туку ни треба темелна промена на системот што постојано ги произведува истите проблеми.