Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на заедничката седница на Националниот совет за евроинтеграции и Комисијата за европски прашања го повика евроамбасадорот Михалис Рокас, како што рече, „да помогне во интерес на граѓаните и европската индина на земјата посочувајќи дека на Македонија ѝ е потребна помош од ЕУ во соочувањето со пропагандата со која власта со години ги претставува чекорите кон членство во ЕУ како предавство“.

– И сега ќе го повикам тука напомош и можеби да коментира во даден момент кога ќе сака евроамбасадорот Рокас. По примерот на претседателката Фон дер Лајен, која рече дека нè чекаат во Европа со нашиот идентитет и јазик. Зарем не е тоа најдобар и најголем сигнал дека оваа политика на оваа власт изминативе години, не само од 2024, туку и претходно, дека сѐ што направи СДСМ е предавничка политика, практично паѓа во вода – оцени Филипче.

Тој посочи дека со обвинувањата на Христијан Мицкоски и на владејачката гарнитура дека СДСМ водел предавнички политики, индиректно се обвинува и Европската Унија дека уценува земја кандидат за членство. Филипче потсети на пораката на претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, дека Македонија ја чекаат во Европа со својот идентитет и јазик.

Филипче посочи дека на Македонија ѝ е потребна помош од ЕУ во соочувањето со пропагандата со која власта со години ги претставува чекорите кон членство во ЕУ како предавство.

– Предавнички ли е, амбасадоре, тоа што треба да се случи? Има ли предавство зад уставните измени или нема? Треба помош од вас? Нам ни треба, на државата ѝ треба, на граѓаните, на Европска Унија ѝ треба помош – рече Филипче.

Осврнувајќи се на изјавите на Мицкоски за Преспанскиот договор, Филипче посочи дека премиерот во странство признава дека договорот го потврдува македонскиот идентитет.

Филипче оцени дека извештајот на Европската комисија е катастрофален и укажа на отсуството на напредок во правосудството, борбата против корупцијата, изборното законодавство и медиумите. Тој посочи дека Албанија, Црна Гора, Украина и Молдавија имаат јасен патоказ за следните чекори кон ЕУ, а Македонија, која беше во пар со Албанија, остана надвор од таа група.

Фото: Принтскрин