Обвинувањата на опозицијата за Алта банка немаат ниту суштина, ниту логика, посочи премиерот Христијан Мицкоски на „Топ тема“ на Телма телевизија.
-Конкретно, за нивните обвинувања дека банката ќе се продадела за бадијала. Тие се грижат повеќе за Мацура, за Агенцијата во Србија која управува со капиталот на фирмите кои се во стечај или се грижат банката да добие нов сопственик. Да се продаде и по највисоката или по најниската цена, парите не завршуваат кај акционерите во Македонија. Парите завршуваат во Србија, односно во стечајната маса на Алта банка Србија. Сега тие за Алта банка Србија ли се грижат? Колку пари таму ќе завршат? Треба повеќе пари таму да завршат? Навистина не ја гледам логиката во комуникацијата која доаѓа од СДСМ. Од една страна обвинуваат дека сме биле со Мацура и со Алта банка Србија, од друга страна загрижени се некој помалку да ја плати банката, па помалку пари да отидат во Србија, рече Мицкоски.
Прашан дали имало политички договор за Алта банка да ја преземе Стопанска банка АД Битола, премиерот вели дека ако имало, тоа било во време на СДСМ.
-Ако имало политички договор, тоа било во 2023-тата година кога тогаш на владина седница која ја водел Димитар Ковачевски, рече премиерот.
-Тезата е дека Давор Мацура и Алта банка уште пред 2025-та да влезат во Македонија, имале деловни односи со македонската Влада. Јас точно кажав врз основа на кој предмет и врз основа на кое право македонската Влада комуницира со Алта банка Србија, рече Мицкоски.




