Стравот на Заев од соочување со граѓаните на предвремени парламентарни избори е уште еден показател дека негова единствена цел е да продолжи да функционира криминалниот картел кој ги осиромашува и краде граѓаните на Македонија, вели ВМРО-ДПМНЕ.
Опозициската партија оценува дека СДСМ ја уназадило економијата додека граѓаните уште ја чекаат платата од 500 евра. Според ВМРО-ДПМНЕ, институциите се урнисани, судството партизирано, здравството во хаос, образованието нереформирано, стопанството дише на помошни апарати додека компаниите и фамилиите блиски до Зоран Заев и Анѓушев живеат подобро од било кога.
-ММФ излезе со поразителни податоци дека за прв пат во македонската историја јавниот долг ја помина опасната граница од 50 проценти. Власта упорно ги задолжува граѓаните, а ништо не се гради. Наместо да го оствари ветувањето за едно општество за сите, Заев го подели македонското општество како никогаш досега, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат и дека неуставното носење на законот за јазици дополнително ја парализирало државата и ќе ја чини Македонија огромни суми на пари. Договорот со Грција за промена на името, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е уште еден пораз кој Зоран Заев им го сервира на граѓаните на Република Македонија.