Покусо работно време би имало низа погодности за работниците и работодавачите, а светот би требало да прифати четиридневна работна недела.

Ова го порачаа психологот Адам Грант и економистот и историчар Рутгер Брегман на Светскиот економски форум во Давос.

– Мислам дека имаме некои добри експерименти кои покажуваат дека ако го намалите работното време, луѓето подобро и поефикасно го насочуваат своето внимание, па работат исто колку и за подолго работно време, а тоа често е поквалитетно и покреативно. Тие исто така се и полојални кон организациите кои се подготвени да им дадат флексибилност за да се грижат за својот живот вон работата, рече Адам Грант, психолог од Вортон школата на Универзитетот во Пенсилванија.

Економистот и историчар Рутгер Брегман, автор на книгата „Утопија за реалисти“ се согласува со Грант и објаснува дека покуса работна недела всушност и не е толку радикална.

– Со децении, најзначајните економисти, филозофи, социолози, веруваа, се до 1970 -те, дека помалку ќе работиме. Во дваесеттите и триесеттите години од минатиот век постоеја големи капиталистички претприемачи кои открија дека ако ја скратите работната недела, вработените стануваат попродуктивни. Хенри Форд, на пример, открил дека ако ја смени работната недела од 60 на 40 часа, вработените стануваат попродуктивни затоа што не биле толку уморни во своето слободно време, рече Брегман.

Овој став е поддржан и од академски истражувања. Повеќе студии го поддржуваат ставот дека покуса работна недела би ги направила луѓето посреќни и попродуктивни, додека податоци на Организацијата за економска соработка и развој покажуваат дека земјите со култура на долго работно време често имаат лош резултат за продуктивност и БДП по час работа.

Во меѓувреме една компанија на Нов Зеланд која мината година ја осуди четиридневната работна недела, се предомисли и потврди дека ќе ја усвои мерката на долгорочен план.

Академиците кои ги проучувале истражувањата пријавиле помало ниво на стрес, поголемо ниво на задоволство од работата и подобро чувство за рамнотежа меѓу работата и животот. Тие велат и дека работниците биле 20 проценти попродуктивни.

Б92/МИА