Европратениците повикаа на итни мерки за справување со инфлацијата, високите цени на енергијата и растечките трошоци за домување за време на дебатата во Европскиот парламент во Стразбур, што се одржа во услови на серија протести во европските земји против поскапувањето на животот и отежнатиот пристап до домување, образование и квалитетни работни места.

Чарли Мекконалог, кој ја претставуваше позицијата на Советот на ЕУ и претседава со неговите состаноци за култура, аудиовизуелна политика, медиуми и спорт, оцени дека дебатата е навремена, бидејќи граѓаните на Унијата очекуваат решенија за зголемувањето на трошоците за живот, цените на енергијата и домувањето.

Тој посочи дека претседателството работи на прашањата поврзани со вработувањето, социјалната сигурност, борбата против сиромаштијата и зајакнувањето на пензиските системи, со акцент на обезбедување достоинствен живот за повозрасните лица и социјално ранливите категории. Мекконалог ја нагласи и потребата од поддршка за технологиите што ги менуваат општествата, додавајќи дека во наредните месеци ќе продолжат преговорите за Пакетот за образование и вештини, при што го поврза подобрувањето на конкурентноста со развојот на образовните системи.

– Низ цела Европа луѓето излегуваат на улиците, а главните пароли се однесуваат на квалитетот на образованието, потоа на неможноста да плаќаат кирија, да купат дом и да најдат добра работа. Тоа не се проблеми само на младите, туку и на луѓето од сите возрасни групи – изјави извршната потпретседателка на Европската комисија, Роксана Минзату.

Според Минзату, Европскиот акт за достапно домување треба да содржи клаузула за исклучок, која ќе им овозможи на државите да им помагаат на домаќинствата погодени од наглото поскапување на енергијата. Таа посочи дека еден од 12 вработени во Европа живее во сиромаштија и повика одредбите од Директивата за минимална плата да се спроведуваат во практиката во услови на висока инфлација.

– Мораме да ги заштитиме работните места во Европа, да го поттикнуваме производството и да го заштитиме нашиот континент од нелојалната конкуренција – изјави Лисбет Сомен од групата на Европската народна партија. Според неа, за пет години цената на електричната енергија за европските домаќинства се зголемила за речиси една третина. – Цената мора да се намали. Не можеме да си дозволиме каприците и идеите на светските лидери на овој начин да влијаат врз секојдневието и животот на луѓето – додаде Сомен.

Претседателката на групата на Прогресивната алијанса на социјалистите и демократите, Ираче Гарсија Перез, ги оцени протестите како израз на вонредна социјална состојба, а не на привремена криза, и повика на милијарди евра инвестиции во домувањето и обезбедувањето достоинствен живот. Меѓу потребните мерки таа ги посочи воведувањето европски данок за финансирање социјални ваучери, пакет за квалитетни работни места, подобро колективно договарање на работните услови и гаранција за децата.

Антонин Станек од групата „Патриоти за Европа“ изјави дека на младите им се потребни соодветни услови, а не Европска Унија што ќе им го диктира начинот на живот. Оценувајќи дека сегашните политики го имаат спротивниот ефект, тој повика на преиспитување на барањата за да им се овозможи на младите и по 2035 година да купуваат автомобили со мотори со внатрешно согорување.

Стефано Каведанија од групата на Европските конзервативци и реформисти стави акцент на безбедноста и јавниот ред, наведувајќи дека граѓаните во Италија се уморни од плаќањето на штетите предизвикани од кршењето прозорци и излози, и повика на мерки за зголемување на безбедноста во градовите.

Брижит ван ден Берг од групата „Обнови ја Европа“ изјави дека младите луѓе не гледаат иднина за себе во Европа, а новите предлози на Советот за повеќегодишниот буџет на ЕУ го продлабочуваат проблемот, бидејќи не обезбедуваат неопходни инвестиции во нивната иднина. – Мораме да инвестираме во нивните работни места, домови и енергија – рече таа.

Мари Тусен од групата „Зелени/Европска слободна алијанса“ побара во Стратегијата за борба против сиромаштијата да се посвети внимание на условите за работа на вработените во основните јавни услуги. „Пристапот до основните јавни услуги е прашање на човечко достоинство“, рече таа, додавајќи дека треба да се стави акцент и на одржувањето и обновувањето на училиштата.

Манон Обри од групата на Левицата го бранеше правото на протест и изјави дека учесниците во демонстрациите се изложени на понижување и репресија. Според неа, експерти на ОН изразиле загриженост поради полициските и судските постапки во Франција против учениците што протестирале. Обри го оцени социјалниот гнев како оправдан и повика на одговор преку социјални мерки.

Заменик-претседателот на групата „Европа на суверените нации“, Милан Ухрик, посочи дека милиони луѓе во Европа сакаат да ја заштитат својата иднина и безбедност, ставајќи ја во фокусот нелегалната миграција и повикувајќи ги институциите да ги слушнат граѓаните.

Во октомври, зголемувањето на трошоците за живот предизвика протести во земјите членки на Унијата. Во изминатите месеци, европратениците повеќепати расправаа за финансиската достапност, вклучително и за предложениот Европски акт за достапно домување, и повикаа на обезбедување доволно средства во буџетот на ЕУ за справување со кризата со трошоците за живот, високите цени на енергијата и заканите за работните места.