Европската куќа на фудбалот УЕФА ги делегираше македонските претставници Филип Поповски и Александра Пејковска за претстојните европски натпревари во ЛШ.

Поповски ќе ја извршува функцијата делегат на дуелот меѓу Галатасарај и Астон Вила, кој ќе се одигра на 24 ноември од 18:45 часот на стадионот „Али Сами Јен“ во Истанбул.

За главен судија на овој натпревар е назначен Германецот Даниел Зиберт, додека негови помошници ќе бидат сонародниците Јан Зајдел и Рафаел Фолтин. Четврти судија ќе биде Флоријан Бадштубнер, а во ВАР-собата ќе бидат Сорен Шторкс и Јохан Фајфер.

Ден подоцна, на 25 ноември од 21:00 часот, во Милано ќе се соочат Интер и Штутгарт. Делегат на овој натпревар ќе биде Александра Пејковска.

Главен судија ќе биде Французинот Франсоа Летексие, со помошниците Сирил Муние и Мехди Рахмуни. Ромен Лисорг ќе ја има улогата на четврти судија, додека за ВАР ќе бидат задолжени Денис Јохан Хиглер и Пол ван Букел.