Претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, денеска изјави дека Европа ќе продолжи да ѝ дава максимална поддршка на Украина и истовремено да го засилува притисокот врз Русија, со целосно европско ангажирање во преговорите за постигнување траен мир.
Обраќајќи се на пленарната седница на Европскиот парламент, Фон дер Лајен рече дека војната мора да заврши поради децата што се родени по почетокот на „руската инвазија и кои не знаат за живот без војна“, се наведува во соопштение на ЕК.
„Руската агресивна војна против Украина веќе трае подолго од Првата светска војна. Децата родени кога руските тенкови првпат ги преминаа границите на Украина, сега достигнуваат училишна возраст. Оваа војна мора да заврши поради овие деца“, напиша Фон дер Лајен на Х објавувајќи го говорот на седницата.

Таа наведе дека Русија во текот на септември и октомври изгубила повеќе територија отколку што освоила, со големи човечки загуби, вклучувајќи повеќе од 50.000 жртви само во октомври.
Како што истакна, Москва ги засилила нападите врз украинските градови и од септември повеќе од 1.000 пати гаѓала инфраструктура, вклучувајќи електрани, системи за греење и водоснабдување.
Фон дер Лајен истакна дека Европската Унија од почетокот на војната обезбедила повеќе од 235 милијарди евра поддршка за Украина, вклучувајќи финансиска и воена помош, како и средства за обнова на оштетената инфраструктура.
Според неа, финансиските потреби на Украина за 2026 година се покриени, но наредната година се очекува финансиски јаз од речиси 70 милијарди евра.
Фото: Фон дер Лајен на Х




