Германското Министерство за одбрана подготвува планови за тоа како Берлин и неговите европски сојузници треба да реагираат на евентуално намалување на бројот на американски војници во Европа, според интерен владин меморандум во кој имале увид од Политико.
Високи претставници на германското Министерство за одбрана се состануваат денеска за да разговараат за потенцијалните мерки за ублажување на последиците од повлекувањето на САД, како и за тоа како владата ќе го координира својот политички одговор.
Тие подготовки доаѓаат во време кога Вашингтон се приближува кон одлука за своето идно воено присуство во Европа. Администрацијата на претседателот Доналд Трамп сака европските земји да преземат поголема одговорност за сопствената одбрана, но таков став предизвикува загриженост дека заминувањето на американските војници би можело да остави опасни празнини во способноста на НАТО да ја одврати Русија.
Германија има посебна причина за загриженост бидејќи има околу 35.000 американски војници на своја територија, повеќе отколку во која било друга европска земја, и се потпира на американските сили за воени капацитети што би било тешко брзо да се заменат.
Во јуни, Пентагон започна анализа на распоредувањето на силите во Европа за да утврди каде треба да останат американските војници и каде можат да бидат намалени или преместени на друго место. Шефот за политика на Пентагон, Елбриџ Колби, изјави дека се надева оти анализата ќе биде завршен до 1 декември.




