Европската комисија објави дека на Бугарија ѝ се заканува казна до 23 милиони евра затоа што не успеала да го стави под контрола буџетското трошење. Поради состојбата на јавните финансии, Брисел остро ја критикуваше и Унгарија. Нејзината казна сепак ќе биде намалена на замрзнување на средствата од фондовите на ЕУ, бидејќи казни до 0,02% од БДП се предвидени исклучиво за членовите на еврозоната, пишува Политико.
Бугарија, од друга страна, би можела да биде погодена од обете мерки, а точниот износ сè уште треба да се одлучи.
– Очекуваме одлука за казната на крајот од оваа година или многу рано на почетокот на следната година – рече економскиот комесар Валдис Домбровскис.
Двете земји би можеле да останат без дел од средствата од фондовите на ЕУ ако не ги исполнат фискалните барања на Брисел до пролет.
Предупредувањата беа издадени како дел од најновата рунда економски надзор, позната како Европски семестар. Овој механизам се користи за контрола на јавните финансии во период на прекумерно трошење и раст на долгот низ целата Унија.
Најавената казна за Бугарија има и симболична тежина бидејќи земјата се приклучи на Еврозоната дури во јануари. Доколку биде изречена, тоа ќе биде прв пат во историјата една земја да биде казнета за кршење на фискалните правила на ЕУ. Тие правила диктираат дека буџетскиот дефицит мора да биде под 3% од БДП, а јавниот долг мора да биде помал од 60% од БДП.




