Селекторот на македонската кошаркарска репрезентација, Жозеп Марија Берокал, го анализираше неочекуваниот пораз од Кипар (75-85) во претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Шпанецот повика на заедништво и најави дека репрезентацијата ќе има можност да ја поправи ситуацијата во февруарскиот квалификациски прозорец.

„Мечот го започнавме на неочекуван начин. Имавме израмнети четвртини, одбраната се подобри во третиот период, но во последните десет минути покажавме една поинаква игра. Се зголемија грешките, промашувавме, но мора да научиме од овој пораз и да останеме заедно. Овој натпревар не беше како што посакувавме, но во февруари имаме уште две шанси да си ја завршиме задачата“, изјави Берокал.

Селекторот нагласи дека неговите кошаркари мора да ги почитуваат противниците и основните принципи на играта, признавајќи дека Кипар заслужено стигнал до победата.

„Мора да ги почитуваме сите репрезентации и кошарката, како и нејзините едноставни правила. Денеска не го правевме тоа, не почитувавме да вадиме топка надвор, играта еден на еден, да не губиме топки, протокот на топка… Кипар одигра добар натпревар. Тажен сум, но ќе размислуваме за следниот прозорец и натпреварите што ни претстојат. Можам да разберам кога ќе промашиш шутеви, но другите работи што се во твои раце и не ги контролираш – тоа не го разбирам. Шутот за три поени можеби беше и клучен на крајот, но сега е готово“, додаде шпанскиот тренер.

На крајот, Берокал порача дека Македонија мора да остане оптимист и да се подготви за предизвиците во февруари. Запрашан за евентуална оставка по неочекуваниот резултат, селекторот беше дециден дека воопшто не размислува за таков чекор.

„Мора да останеме оптимисти, да размислуваме за натпреварите и да се подготвиме за она што ни следи. Во овој момент не размислувам за оставка. Никогаш во животот немам таков пристап“, порача Берокал.