Претседателот на СДС(М), Венко Филипче, на седницата на Националниот совет за евроинтеграции на 23 ноември 2026 година побара помош од евроамбасадорот Михалис Рокас и од Европската Унија за, како што наведе, справување со антиевропската пропаганда на власта и процесот на уставни измени. Колку треба да си очаен и морално гнил да побараш помош од надвор за да ја смениш волјата на мнозинството граѓани во Македонија во име на сопственото политичко преживување, себепонижување и срам на нацијата? Очигледно за социјалдемократите зачувувањето на сопствениот политички опстанок има предност пред апстрактната идеолошка чистота. Тоа се случува кога како партија сте во политички морален распад, па дејствувате против сопствените вредности или гордоста на некогаш „големата партија“ вршејќи национално предавство. Колку да појаснам: угнетувањето не се одржува само со сила – тоа, исто така, зависи од еден вид морална неспособност или неподготвеност да се слушне она што е морално важно. Со години молиме, објаснуваме, протестираме но, сепак, не беше слушнат нашиот глас во Европската Унија. Затоа не можете да барате помош од оној што низ ваквото барање сака да ја зачува сликата за сопствената невиност за опструкциите на македонскиот евроинтегративен пат 22 години. Или можеби може, кога имате вакви ликови во политиката кои љубат да се понижуваат себе си, понижувајќи ја државата и сопствениот народ.

Социјалдемократите нема да го обезбедат својот политички опстанок преку апелирање до моралот на Унијата барајќи помош од неа, оправдувајќи ја на тој начин неправдата што ни е сторена и одржувајќи ги системите на моќ во меѓусебните односи што им штетат на македонските национални интереси. Тежината на барањето помош од Европската Унија за прашања од внатрешен интерес на државата од лидер на политичка партија, не само што предизвикува штета за државата, туку испраќа порака дека ветото што ни го наметна Унијата како услов за отпочнување на процесот на пристапување е прифатливо и оправдано. Ваквата нормализација на однесувањето на Унијата може да доведе до сериозна опструкција на нашиот пат кон европските интеграции и во борбата за правда и вистина на тој пат. Истовремено, кога општеството се фокусира на разбирање на перспективата на ЕУ во поглед на ветото, наместо да се занимава со неправдите што ги трпиме, корените на проблемот се дефокусираат на друго место. На тој начин Европската Унија лесно може да ја избегне одговорност и да продолжи со своите штетни постапки кон Македонија. Зошто лидерот на социјал-демократите би се грижел за тоа? Зарем би се грижел дека на овој начин сочувствува со Европската Унија во нејзинито барање за промена на Уставот и вметнувањето на Бугарите во него, при што вината за тоа се префрла на нас, правејќи не одговорни за сопственото страдање? Ваквиот штетен наратив сугерира дека како држава која бара членство во Унијата треба треба да се прилагоди и понижи (како многупати досега) имајќи разбирање за постапките на ЕУ и на еден нејзин член.

Не дека им е првпат на лидерите на оваа партија да се откажуваат од своите начела, избегнувајќи одговорност или покорувајќи се на моќта водени од полтронство, алчност или личен интерес. Понизни пред моќта, некритички се приклонуват кон секој оној што ќе им вети политички опстанок, статус или привилегии. На тој начин ваквите политичари одбиваа, а гледам продолжуваат со таа практика, да заземат став за време на криза, или се задскриваат зад авторитетите на моќ со цел да се избегне носење тешки одлуки. Нивното носење го оставаат на друг – оној од позиција на моќ, особено меѓународна. Така го променија името на државата, ја продадоа историјата и јазикот, зошто да не и промената на Уставот. Тоа е тој полтронски ДНК од комунизмот што го внесоа рециклираните комунисти во македонскиот демократски амбиент после деведесетите. Залудно е да барате од нив да престанат да молат и коленичат други за да ги носат на власт, а тие за возврат да ветат дека ќе сторат се’ што ќе посакаат од нив во замена за таа услуга. Изгледа во колективна свест на оваа партија постои силна „садомазохистичка“ тенденција, која, спротивно на општото верување, има малку врска со сексот и здравиот разум. „Садомазохизмот“ на оваа партија не е само обична политичка перверзија, туку е одраз на политичките оргии за власт по секоја цена. И, можеби, токму барањето помош од евроамбасадорот е резултат на една од нивните „садомазо“ сеанси – слика на една од нивните патолошки политички оргии кои навлагуваат во сферата на репресивната сублимација и доминација каде постојат оние што ја преземаат улогата на доминатори (садисти) и оние што ја прифаќаат – или дури и самите ја бараат – улогата на потчинети (мазохисти). „Садомазохизмот“ во постапувањето на СДС е корисна метафора за разбирање на тоа како се одржуваат системите на угнетување, преку нормализирање на страдањето и пренасочување на вниманието од вистинските причини за неправдата. Додека нивниот лидер зборува за жртвување и единство и бара помош таму каде што нема да ја добие, реалноста на онеправданите останува секојдневна борба за достоинство и опстанок. Можеби некој во оваа партија треба да се запраша како учествуват – свесно или несвесно – во мрежите на моќ и комуникација што ги угнетува, деформира, а истовремено ги дефинира.

Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес