Премиерот на Албанија, Еди Рама, позитивно го оцени пристапот на премиерот Христијан Мицкоски кон употребата на албанскиот јазик во Македонија. Според Рама, во моментов нема конкретни факти што би наложиле заедничка реакција, но Албанија нема да толерира уназадување на јазичните права.
Во интервјуто за порталот „Коха“ со новинарот Назим Рашиди, Рама беше прашан дали за ова прашање разговарал со македонските политичари за време на посетата неделава. Премиерот на Албанија го изнесе својот впечаток од комуникацијата со Мицкоски.
– Верувајте ми, јас тврдам дека премиерот Мицкоски во ниту еден момент не ми остави впечаток дека има резерви кон албанскиот јазик или дека има пристап на супериорност на македонскиот јазик над албанскиот. Секако, тоа не значи дека нема да бидеме будни и внимателни, ниту дека можеме да толерираме какво било уназадување во однос на јазикот – рече Рама.
За актуелните прашања поврзани со употребата на албанскиот јазик Рама добивал информации и од албанските политички партии во Македонија.
Премиерот на Албанија се осврна и на употребата на албанскиот јазик во судството во Македонија. Посочи дека постојат различни толкувања, од објективни потешкотии до тврдења за намерно попречување.
– Но, во моментот кога зборуваме, не сме во ситуација во која се соочуваме со конкретни факти поради кои би требало сите да се собереме и да кажеме – стоп – рече Рама.




