Американскиот претседател Доналд Трамп го изненади генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, со промена на заедничката изјава по нивниот состанок на Флорида, објави денеска „Политико“.
Во оригиналниот текст на заедничката изјава, објавена на веб-страницата на Северноатлантскиот договор и Белата куќа по состанокот меѓу Трамп и Руте во Мар-а-Лаго, Русија беше повикана да избегнува дејства кои, намерно или ненамерно, би можеле да доведат до проширување на конфликтот.
Неколку часа подоцна, Трамп објави редактиран документ на социјалната мрежа „Тру соушал“, во кој се наведува дека не само Москва туку и Киев треба да се воздржат од такви чекори.
Како што изјави неименуван претставник на НАТО за „Политико“, првичната верзија на заедничката изјава беше договорена од двете страни, а најновата верзија беше одобрена само од американскиот претседател. Тоа укажува на тековните тензии меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски, кој одбива да ги запре нападите врз руските рафинерии и критичната инфраструктура, се вели во статијата.




