Студентското движење во Србија го објави академикот Радомир Саичиќ како свој кандидат за претстојните претседателски избори. Саичиќ беше претставен на прес-конференција на групата граѓани „Студентите повторно победуваат“.
Тој изрази благодарност за укажаната доверба и порача дека ќе се залага за суверена Србија, почитување на Уставот, независни институции и враќање на достоинството на претседателската функција.
Време е да му се врати достоинството на кабинетот на претседателот на Србија – изјави Саичиќ, оценувајќи дека претседателската функција во изминатите години била користена за продлабочување на општествените поделби и дека биле надминати уставните овластувања.
Тој нагласи дека приоритет ќе му биде обновувањето на институциите и враќањето на довербата на граѓаните во Народното собрание, Владата и судството. Порача и дека како претседател ќе постапува во рамките на своите уставни надлежности и ќе бара одговорност од сите носители на јавни функции.
Од студентското движење објаснија дека изборот на Саичиќ не бил случаен, туку резултат на долг процес на размислување и дијалог. Како клучни критериуми ги посочиле неговиот однос кон институциите, слободите и општествената одговорност.
Радомир Саичиќ е редовен член на Српската академија на науките и уметностите (САНУ) и професор на Хемискиот факултет при Универзитетот во Белград. Тој е доктор по хемиски науки, автор на повеќе од 80 научни трудови, а на последните парламентарни избори беше дел од студентската листа и стана пратеник во српското Собрание.




