Словачка нема да учествува во планираниот заем од Европската Унија за Украина, чија вредност се проценува на 45 милијарди евра, а кој треба да биде обезбеден во 2027 година, изјави денеска словачкиот премиер Роберт Фицо.

На прес-конференција, по вонредниот состанок на Европскиот совет, Фицо изјави дека заемот ќе се реализира преку механизмот на засилена соработка, кој ѝ овозможува на Словачка да не учествува во неговото финансирање.

Според него, премиерите на Унгарија и Чешка, исто така, објавија дека би можеле да заземат ист став, пренесува ТАСР.

Тој истакна дека на состанокот не се донесени конечни одлуки за заемот, но дека е утврдено дека механизмот на засилена соработка е единственото можно решение за финансиска помош над 45 милијарди евра.

„Го повторувам она што го кажав неколку пати: бидејќи не сме заинтересирани да учествуваме во заемот од 90 милијарди евра, Словачка нема да учествува ниту во овој заем“, рече Фицо, додавајќи дека Братислава не може да ги спречи другите земји да позајмуваат пари на Украина доколку сакаат.

Како што изјави, максималниот износ на заемот ќе се дискутира на состанокот во декември, а државите што сакаат да учествуваат ќе можат да го сторат тоа, додека Словачка нема да се приклучи на аранжманот.

Фицо процени дека одлуката да не учествува ќе донесе финансиски заштеди за Словачка, бидејќи нејзиното учество во покривањето на каматата преку буџетот на ЕУ ќе изнесува околу 14 милиони евра годишно.

Тој додаде дека дел од тие средства би можеле да бидат насочени кон хуманитарна помош за Украина преку испорака на производи произведени во Словачка.

Словачкиот премиер повтори дека заемот од ЕУ за Украина е практично неповратна помош, бидејќи, според Европската комисија, отплатата ќе започне дури кога Русија ќе ги плати воените репарации, што, како што изјави, е „малку веројатно“.

Тој нагласи дека Словачка сака да ја продолжи билатералната соработка со Украина преку заеднички состаноци на владите и пакети хуманитарна, а не воена помош.

Фицо додаде дека Словачка е подготвена да ја снабди Украина со производи произведени во земјата што ѝ се потребни, вклучувајќи генератори, железнички локомотиви и машини за деминирање.

Тој, исто така, посочи дека долгорочниот нацрт-буџет на ЕУ за периодот од 2028 до 2034 година предвидува околу 100 милијарди евра за Украина, како и дополнителни приближно 40 милијарди евра претпристапна помош.

Фото: архива