Земјите од Западен Балкан мора да станат дел од Европската Унија. Тоа е основна цел на Процесот Брдо-Бриони. Мирот и стабилноста во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан, а билатералните прашања да не влијаат на процесот на пристапување – порача денеска од Охрид претседателката на Словенија Наташа Пирц-Мусар.

На заедничката прес-конференција со домаќинот на состанокот на Процесот Брдо – Бриони, македонската претседателка Гордана Сиљановска-Давкова и претседателот на Хрватска – Зоран Милановиќ, словенечката претседателкат изрази уверување дека не може да имаме силна Европска Унија без проширена Европска Унија.

– За жал, проширувањето на Европската Унија сѐ уште се одвива пребавно. Со право очекуваме земјите кандидати да спроведуваат реформи, да го почитуваат владеењето на правото и европските вредности. Меѓутоа, Европската Унија исто така мора да ја исполни својата обврска. Мора да им овозможиме на земјите да ги исполнат критериумите за да направат вистински напредок. Во исто време навистина се надевам дека разумот ќе превладее овој пат и дека приликите за проширување ќе се остварат и спроведат без никакви пречки или од земјите кандидати или од земјите членки на ЕУ – рече Пирц-Мусар.

Според неа, мир и стабилност во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан

– Нека биде јасно едно нешто. Мир и стабилност во Европа не можат да бидат реалност без земјите од Западен Балкан. Се надевам дека ова е јасно за сите. Навистина се надевам дека можеме да станеме посериозни политичари во ЕУ и да направиме повеќе за овој процес на проширување, да стане многу побрз, пребавен е. Јас лично би сакала билатералните прашања да не влијаат на процесот на пристапување. Меѓутоа, досега не гледам како ова би можело поинаку да се одвива. Европската Унија ќе мора да размисли за тоа како да ги формира процесите на пристапување – додаде Пирц-Мусар.

Го повтори ставот дека квалификуваното мнозинство, кое е еден од чекорите за една земја да не може да го блокира целиот процес и сите да дадат вето. Подвлече дека Северна Македонија е една од земјите за којашто чувствува најголема болка, којашто најдолго време чека.

– Мојот колега од Хрватска има поинакво мислење, но Словенија е една од 15-те земји во ЕУ којашто е за квалификувано мнозинство. Иако мојата нова влада е малку поскептична по ова прашање како што беше и претходната, но сепак, ако било што произлезе од овој процес денес, тоа е следното: дијалогот може да биде мирен, со аргументи, без навреди. Но, за ова да биде така, треба правите луѓе да седнат на маса. И на крај, сè зависи од самите луѓе коишто преговараат. Навистина се надевам дека Хрватска и Црна Гора ќе ги решат своите меѓусебни прашања и исто така искрено се надевам дека Северна Македонија ќе го реши своето прашање со Бугарија. Северна Македонија е една од земјите за којашто чувствувам најголема болка, којашто најдолго време чека. Го реши проблемот со Грција, повторно се врати на преговарачката маса и повторно се соочи со нов предизвик. Затоа се надевам дека ова ќе заврши еден ден, тоа е мојата желба, но сите мора на тоа да работиме – подлече Пирц-Мусар.

Посочи дека во Словенија честопати слушале „Зошто сакате нови земји кандидати во ЕУ? Ќе мораме да плаќаме за нив, ќе мора да инвестираме многу пари во нив.“

– Знаете кој е мојот одговор на ова? Запаметете дека пред 20 години, кога Словенија се приклучи кон Европската Унија и постарите земји плаќаа за нас, тие беа нето-плаќачи во ЕУ буџетот, а ние бевме корисници на овие фондови. И ова ќе се смени во иднина. Јас како претседател на Словенија сум свесна за ова – ние ќе станеме нето-плаќач и ќе плаќаме повеќе за земјите коишто чекаат да станат членки и да нѐ стигнат. И така и треба да биде – рече Пирц-Мусар.

Процесот Брдо-Бриони, забележа таа, гради конкретни резултати, а како пример ја посочи соработката меѓу државните служби за вработување на младите.

– Младите луѓе не смее да бидат принудени да си ја бараат иднината на друго место едноставно бидејќи ние не можеме да им обезбедиме иднина дома. Дури и Словенија не е исклучок д ова — и од Словенија заминуваат луѓето, младите, можеби не во толку голем број, меѓутоа ова се случува. Затоа денес предложив следната година да организираме посебна средба на директорите на службите за вработување од сите земји што учествуваат. Нивната задача би била да изготват конкретни предлози и заеднички акциски план за подобрување на приликите за вработување за младите луѓе и за намалување на одливот на мозоци – рече словенечката претседателка.

Добрите односи меѓу земјите, според неа, не смее да бидат земени здраво за готово.

– Тие се градат врз основа на почит, доверба и подготвеност да се решат дури и најтешките прашања коишто ни останале нерешени. Во регионот потребно ни е повеќе соработка, а помалку поделби. Над сѐ, не смееме да дозволиме нерешените прашања од минатото да ја определат иднината на новите генерации – истакна Пирц-Мусар.