Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска ги посети средношколците од полициското училиште.

-Навистина е убаво да се видат млади луѓе кои уште во средношколските години избрале образование кое бара дисциплина, посветеност и високо чувство на одговорност. Денеска ги посетив учениците од средното полициско училиште, кои ги добија своите нови униформи. Со задоволство присуствував на церемонијата на спуштање на државното знаме, со која ја заокружија работната недела, а имав чест и да бидам дел од нивниот заеднички ручек. Разговорите со овие млади луѓе, нивниот ентузијазам и посветеноста со која пристапуваат кон своето образование навистина ме исполнуваат со гордост, вели Тошковски.

Тој ги посети и кандидатите за полициски службеници од последниот конкурс, кои успешно го завршија првиот модул од основната обука и на кои им претстои практична настава во СВР Скопје.

-Да се носи полициската униформа е чест, но пред сè голема одговорност. Затоа, од особено значење е уште од првиот ден на образованието и обуката да градиме генерации кои ќе ги негуваат интегритетот, дисциплината, професионалноста и почитта кон секој граѓанин. Токму во овие млади луѓе ја гледам иднината на македонската полиција, нагласи Тошковски.