Не гледам логика да се протестира за мерка со која на студентите им се нуди повеќе од она што го имаат во моментов, изјави министерката за образование и наука Весна Јаневска, коментирајќи ја најавата за студентски протест поврзан со студентскиот оброк.

Одговарајќи на новинарско прашање за време на натпреварот за бизнис-идеи на средношколци во организација на Brainster Next, Јаневска рече дека правото на протест е загарантирано, но оти не гледа основа за незадоволство во случајот со предложените измени.

-Правото на протест е загарантирано, но јас навистина не разбирам против што би протестирале. Државата им нуди повеќе од тоа што го имаат, а тие сакаат против тоа да протестираат. Не ја гледам логиката – истакна Јаневска.

Таа информира дека е формирана работна група која работи на решенијата поврзани со студентскиот оброк и оти процесот се одвива интензивно.

-Формирана е работната група, многу брзо се развива проектот. Заинтересирани сме брзо да се развие проектот. Во комуникација сум со релевантните студентски собранија и мислам дека немаме проблем и дека многу брзо ќе дојдеме до решението – нагласи министерката.

Јаневска додаде дека Министерството континуирано вложува во подобрување на студентскиот стандард преку инвестиции во студентските домови, научноистражувачката дејност и други мерки наменети за младите. (МИА)