Митко ЧАВКОВ

Во пресрет на деветгодишнината од нашето апсење, се навраќам на денот што засекогаш ги промени нашите животи и животите на нашите семејства.
Пред девет години, во раните утрински часови, со упад на припадници на специјалните полициски единици во нашите домови, пред очите на нашите семејства, бевме уапсени под сомнение дека сме извршиле едно од најтешките кривични дела против државата – Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.

Следуваше театрално спроведување, под силно полициско обезбедување, во Основниот суд Скопје 1.
Цел ден, со лисици на рацете, во големата судска сала во која постојано се зголемуваше бројот на уапсените.
Со исклучок на тројца полициски службеници, останатите воопшто не ги познавав.
Длабоко во ноќта започна нашето изведување пред двајца судии на претходна постапка, со што почна обвинителско – судската фарса и по полноќ решенија за притвор, бевме спроведени во затворот „Скопје“ – Шутка.
Притворски соби со мувлосани ѕидови, отворен тоалет, без никаква приватност, задушлива миризба на мувла, без постелнина, дополнителна облека и основни средства за лична хигиена. Булвално фрлен на креветот на кој наместо душек, имаше три смрдливи коцки наместо душеци со само едно старо, сиво ќебе со неподнослива миризба.

Во такви притворски услови живеевме повеќе од една година, а некои од нас и цели две години.

Тоа беше само почеток на долги години страдање, нарушено здравје, разделеност од најблиските и борба за опстојување и правда.
Летото и есента 2017 година, на нашето апсење му претходеше интензивен политички и медиумски наратив, поттикнуван преку официјални партиски соопштенија, изјави на високи политички функционери од тогашната власт и настапи на одделни медиуми и новинари.
Се создаваше јавна атмосфера во која се добиваше впечаток дека се „бара линч“ за настаните од 27 април, и покрај фактот што веќе се водеа судски постапки за конкретни кривични дела.

Јавната осуда ѝ претходеше на судската пресуда, квалификацијата беше поставена и соопштена од партиски штаб.
Тоа беше амбиентот кој беше создаден, подготвен, а немилите настани во собранието беа искористени како алиби за политичка инструментализација на кривичната правда, суспендирање на презумпцијата на невиност и непочитување на принципите на индивидуална кривична одговорност и правично судење.

Правосудството не само што не покажа доволна институционална отпорност кон политичките и медиумските притисоци, туку целосно се стави во функција на создадената политичка и медиумска атмосфера и наместо доказите, ПОЛИТИКАТА го определи текот и исходот на судската постапка.
Во контекст на јавната перцепција за политичката инструментализација на кривичната постапка за 27 април, особено значајна е хронологијата на политички и законодавни одлуки:

– На 19 октомври 2018 година, со поддршка на осум опозициски пратеници, беше обезбедено потребното мнозинство од 80 пратеници за започнување на уставните измени. Меѓу нив беа и тројца од обвинетите за 27 април – Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов, кои подоцна беа амнестирани.

– На 18 декември 2018 година, во текот на доказната постапка, под параванот на политичката формулација „помирување“, Собранието по скратена постапка донесе селективен Закон за амнестија. Со широк меѓупартиски консензус, 95 пратеници гласаа „ЗА“, ниту еден „ПРОТИВ“ и ниту еден „ВОЗДРЖАН“.

– На 11 јануари 2019 година, со 81 пратенички глас, беа усвоени уставните измени за промена на името на државата.
Оваа хронологија и политичките околности во кои беше донесен Законот за амнестија даваат сериозна фактичка основа за создадената јавна перцепција дека кривичната постапка за 27 април беше политички инструментализирана за остварување конкретна политичка цел – обезбедување двотретинско мнозинство за уставните измени за промена на името на државата.
Со ваквата политичка инструментализација на кривичната правда, суштински се доведоа во прашање владеењето на правото, еднаквоста пред законот, правната сигурност и независноста на правосудството.
Селективноста на самиот Закон за амнестија и особено селективноста во неговата примена, станаа НЕСПОРНИ.

Се покажа дека широкиот политички консензус не е гаранција за уставната и правната оправданост на еден закон и се потврди дека прашањето за институционалната одговорност има три димензии – законодавна, уставносудска и правосудна.
Беа амнестирани обвинетите пратеници, предводниците на иницијативата „За заедничка Македонија“ и дел од другите обвинети, а подоцна амнестијата беше применета и во предметот за таканаречените организатори.

Исходот од тој политички потфат беше за едни слобода, престанување на кривичното гонење и бришење на последиците од гонењето, за другите – долгогодишни затворски казни.

Ние осудените никогаш не ја оспоривме нивната слобода, Ја оспоруваме селективноста на правдата.
Но тоа не беше врвот на неправдата, суштината на неправдата навлезе многу подлабоко – во самата фактичка, доказна и правна основаност на осудителната пресуда.

Останаа неутврдени решителни факти, необразложени судски заклучоци, неразрешени доказни противречности и неодговорени суштински прашања за индивидуалната кривична одговорност, за законските обележја на кривичното дело и стандардот на докажување надвор од разумно сомневање.
Токму во контекст на тие прашања особена тежина има подоцнежното признание за лажно сведочење на загрозениот сведок С1. Во изјава заверена пред нотар, целосно потврдена со вештачење на телефонски апарати кои ги користел приснава дека исказот е лажен и по насока на обвинителот.

А за неговиот лажен исказ судијката Добрила Кацарска во образложението на пресудата наведува:
„Судот поклони верба на исказот на загрозениот сведок С1 од причина што неговиот исказ е јасен, категоричен, недвосмислен и во склад со останатите докази.“
Во истиот пасус судот заклучува: “Токму од исказот на овој сведок се потврди дека сето она што се случувало во Собранието на 27.04.2017 год било претходно добро организирано, обмислено и финансирано.“
Кога сведокот, чиј исказ судот го оценил како јасен, категоричен и недвосмислен, подоцна признава дека лажно сведочел, не се доведува во прашање само неговата лична веродостојност, туку и доказната основаност на судските заклучоци засновани врз неговиот исказ.
Како може да се одржи основаноста на таквите судски заклучоци без суштинско преиспитување на исказот и неговата поврзаност со останатите докази?
Тоа не е споредно процесно прашање. Тоа е прашање што навлегува во самите темели на осудителната пресуда.

И покрај сериозноста на новите околности и докази на кои се повикавме, барањето за повторување на кривичната постапка беше експресно одбиено.
Од тука се потврдува дека правосилноста на судската пресуда не е гаранција за нејзината фактичка вистинитост и правна исправност.
Поминаа девет години, за дел од осудените седум а за дел осум години зад затворските решетки.

Девет години во кои случајот „27 април“ не престана да биде составен дел од политичката реторика, особено во пресрет на изборите.
Од „слобода за уставобранителите“ до „терористи, убијци и насилници“.
Од квалификации за политички монтиран судски процес, „Русковска обвинителство“ и „Кацарска судство“, до тврдења за заслужени долгогодишни затворски казни.

Се менуваа политичките околности, реториката и носителите на власта.
Нашата реалност остануваше иста.
За дел од осудените условниот отпуст остана единствениот остварлив пат до слободата. Но тој не претставува преиспитување на основаноста на пресудата, утврдување судска грешка или правна рехабилитација.
Излегувањето од затвор не е исправување на неправдата.

Кредибилитетот на јавно изразените политички ставови за политички монтиран судски процес не се мери според нивното повторување во предизборната реторика, туку според доследноста и конкретното институционално постапување, во рамките на уставните и законските надлежности, за создавање услови за негово независно судско преиспитување.
Не бараме една политичка интервенција во правосудството да биде заменета со друга.
Бараме правосудство ослободено од политички интервенции, бараме јавна и фер постапка.
Не сакам да верувам дека политичарите, независно од нивната политичка припадност, очекуваат со текот на времето случајот да биде препуштен на заборавот.

НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ!
Не само заради нас, туку, пред сè, заради нашите семејства, кои никогаш не беа обвинети, никогаш не беа осудени, но ја издржуваа казната заедно со нас.
Заради нашите деца и внуци, заради пропуштените семејни моменти, нарушеното здравје, неповратно изгубените години и тешките секундарни последици од кои нашите семејства страдаат и денес, а за кои речиси никој не зборува.
И со ОСОБЕНА ПОЧИТ кон двајцата наши СОПАТНИЦИ во оваа трагедија – ИГОР ЈУГ и КИРЕ ЃОРГИЕВ кои починаа во затвор и не ја дочекаа слободата.
Ним им должиме да не молчиме.
На нашите семејства им должиме истрајност.
На идните генерации им должиме држава во која правдата нема да зависи од распределбата на политичката моќ.
Не бараме одмазда, НЕ БАРАВМЕ привилегии ниту политичка милост.
Не БАРАВМЕ политичка одлука за нашата невиност.

БАРАВМЕ НЕЗАВИСНО СУДСКО ПРЕИСПИТУВАЊЕ НА ФАКТИЧКАТА, ДОКАЗНАТА И ПРАВНАТА ОСНОВАНОСТ НА НАШАТА ОСУДА.

Случајот „27 април“ одамна ги надмина рамките на личната судбина на осудените и нивните семејства. Тој е тест за владеењето на правото, правната сигурност, независноста на правосудството и институционалниот интегритет на македонската држава.
Вистинската сила на една правна држава не се мери само според нејзината способност да казнува, туку и според нејзината способност независно да ги преиспитува сопствените одлуки и да ги исправи утврдените неправди.
Ниту една политичка цел, колку и да се смета за значајна, не може да го оправда жртвувањето на индивидуалната правда.
Нашата борба е борба за вистината, за правна рехабилитација и за враќање на нарушеното човечко и професионално достоинство.
Слободата може да биде вратена. Изгубените години – никогаш.
НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ДА СЕ ЗАБОРАВИ!
НЕМА ДА СЕ ОТКАЖЕМЕ ОД ПРАВДАТА!